89 години од смртта на Тодор Александров

Day 2,111, 05:31 Published in North Macedonia North Macedonia by FA.97

Тодор Александров Поп-Opушов е роден во Ново Село, 4 март 1881 а починал во Сугарево, 31 август 1924.
Бил еден од водачите на ВМРО. Во 1898 година се приклучил во ТМОРО. Бил учител и раководител на месните комитети во Кочани, Виница, Кратово, Ново Село и Штип, секретар на четата на штипскиот војвода Мише Развигоров (1905) и на кочанскиот околиски војвода Симеон Георгиев - Кочански (1907), окружен војвода на Скопскиот револуционерен округ (1907), член на ЦК на ВМОРО (1911), член во Штабот на III македонска бригада во Балканските војни и во Штабот на партизанската чета на III бригада на XI македонска дивизија во Првата светска војна.
По војната, заедно со Александар Протогеров и Петар Чаулев, ја обновил организацијата под името ВМРО (1919) и во 1920 ја зацврстил во Пиринскиот дел на Македонија, каде што создал организациона и воена база и оттаму ги обновил оружените четнички акции во Вардарскиот дел на Македонија.

Според верзијата на ВМРО, која најмногу се базирала на кажувањата на неколку лица, директни учесници во тие настани, а пред се исказот на Динчо Мицев Сугарски. Според него Алеко Василев - Пашата, пред Гоце Манолев, Петар Говедаров, Гогата Полски и Никола Хаџиев, во куќата на Говедаров, му наредил нему да отиде од селото Горна Сушица, преку Мелник, во селото Деремислим за да пречека едно лице, коешто требало да го спроведе во селото Лопово. Во наведеното село со него дошле и војводите Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, коишто биле блиски со Алексо Василев - Пашата.
Вечерта на одреденото место пристигнале три лица и целата група заминала во селото Горна Сушица, каде што во куќата на Гоце Манолев пристигнал уште и Динчо Марков Балкански. Овде Вретенаров и Влахов го повикале Динчо Сугарски и Динчо Балкански надвор од куќата и под заклетва им соопштиле, дека дојдените лица биле Тодор Александров и Александар Протоѓеров, им објасниле кој е едниот, а кој другиот и им кажале дека по патот ќе го убијат Тодор Александров. Уште, според овој исказ, им било речено дека убиството требало да се изврши по наредба на Алеко Пашата.
Околу 11 часот, претпладне групата во состав: Тодор Александров, Александар Протоѓеров, телохранителот на Александров, Панзо Зафиров, Штерју Влахов, Динчо Вретенаров, Динчо Балкански и Динчо Сугарски, на коњи се упатиле кон селото Лопово, каде што требало да се одржи Окружен конгрес на Серскиот револуционерен округ на ВМРО.
По настојување на Вретенаров и Влахов се тргнало по потешкиот и пострмен пат кон селото, што веројатно било дел од заговорничкиот план. По патот атмосферата била весела и опуштена, при што Александров не претчувствувајќи ја опасноста, си разговарал со Протоѓеров и останатите. Во еден момент групата била престигната од едно момче, кое имало задача да донесе одморени коњи, но тоа незабележано од Александров било запрено од Штерју Влахов, којшто веднаш го вратил назад.
На едно планинско изворче, групата застанала да ги освежи своите сили со храна. За цело време на ручекот се воделе разговори по однос на плановите на Организацијата и по однос на борбата на истата со претходната земјоделска влада на Бугарија, при што Александров бил љубезен со сите и на неколку пати ја делел храната со другите негови соборци.


Панзо Зафиров
По јадењето групата го продолжила патувањето, при што Александров му ја дал на носење својата пушка на Динчо Сугарски, со што останал без оружје. По извесно време, тие пак застанале со цел да ги одморат коњите, а воедно и тие малку да отпочинат, што било искористено од страна на заговорниците, секавично да дејствуваат. Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, застанале над Тодор Александров и стрелале со пушките во него, при што разбуден од истрелите неговиот телохранител Панзо Зафиров се обидел да ја дофати својата пушка, но и тој бил застрелан од страна на Динчо Балкански.
Александар Протоѓеров изненаден од брзината на дејствијата се онесвестил и со таа своја постапка останала нејасна неговата улога во атентатот врз Тодор Александров. По убиството телата на двајцата убиени набрзина биле закопани во блиската шума.

Дејствувал против политиката на Земјоделската влада на Александар Стамболиски за зближување со Кралството на СХС. Го потпишал Мајскиот манифест за обединување на македонските револуционерни сили во единствен македонски револуционерен фронт (1924), но пред убиството јавно се откажал од својот потпис.