Нов Зеланд недораснат противник, Македонија e во четврт-финале!!!

Day 1,687, 13:20 Published in North Macedonia Armenia by Zombinho

Македонската кошаркарска репрезентација со лесната и крајно убедлива победа во вечерашниот дуел против Нов Зеланд (84-62) успеа да избори пласман во четврт-финалето на квалификацискиот турнир за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лондон, кој неделава се одржува во Каракас.



Ова е прва победа на жолто-црвената селекција во досегашната историја на официјален натпревар одигран надвор од стариот континент. Новозеланѓаните, кои настапија осетно ослабени, и тоа без двајцата свои најдобри поединци, апсолутно не беа достоен противник за избраниците на селекторот Марјан Лазовски на вечерашниот натпревар.

Македонија почна фуриозно, имавме 12-1 по првите пет минути од средбата, а со агресивна одбрана го принудивме противникот на многу грешки и на постигнување на првиот поен од игра дури во седмата минута од мечот. На нецели две минути пред крајот од првиот период имавме веќе плус 18 поени (26-😎 што беше најава на сигурната победа на четвртата селекција во Европа од ланскиот континентален собир во Литванија.



Но најавата за вистински дебакл на противникот не се оствари. Жолто-црвените подзастанаа, не продолжија со ист интензитет како во првата четвртина, поради што нашата позитива се движеше помеѓу 11-18 поени, кои беа убедливи, но не дозволуваа поголема релаксираност кај избраниците на Лазовски. Преголемото опуштање му дозволи на Нов Зеланд да намали на негатива од само девет поени (51-60), на крајот од последната четвртина, но тоа како да ги налути македонските кошаркари, кои веднаш вратија со серија 12-0, со која практично го скршија отпорот на противникот и дефинитивно го решија прашањето на победникот (71-50).

Но колку и да е значајна и убедлива победата, македонските репрезентативци вечерва, сепак, повторно не брилјираа. Уште еднаш беа упатени голем број шутеви за тројка, голем дел од нив од неизградени позиции, а повторно, како и на дуелот со Ангола, противникот апсолутно нѐ натскока остварувајќи дури 11 скока повеќе (36-47).



Лестер Бо Мекејлеб одигра уште една брилијантна партија во репрезентативниот дрес остварувајќи дабл-дабл учинок со 23 поени и 11 асистенции, исто како и Перо Антиќ, кој оствари 17 поени и 10 скока. Двоцифрен поентерски учинок имаше и Тодор Гечевски, со 16 постигнати поени.

Но најважно е што победивме со доволна разлика да имаме и теоретски обезбедено место меѓу осумте селекции во четврт-финалето. Утре е слободен ден за избраниците на Лазовски, кои, сепак, будно ќе ги следат случувањата на паркетот во салата „Полиедиро“, бидејќи од исходот на дуелот помеѓу Ангола и Нов Зеланд (17.30 часот) ќе зависи дали ќе бидеме први или втори во групата Д. До лидерската позиција би дошле само со триумф на новозеландската селекција. Веднаш потоа вниманието ќе го префрлиме на средбата помеѓу Доминиканска Република и Русија, по чие завршување ќе го дознаеме името на четвртфиналниот противник.



o7
Zombinho