Симбол на бесмртноста на македонскиот народ

Day 3,010, 06:06 Published in North Macedonia Nigeria by Partisan Fighter






Симбол на еден народ е репрезантативен препознатлив знак, кој на индиректен начин ни ја претставува неговата култура, традиција и вера. Самиот симбол е историски производ кој произлегува од народните обичаи и преставува еден сублимат на сите аспекти од самобитноста на заедницата. Отука симболите преставуваат еден континуиран атрибут од животот на заедницата, било тој да го отсликува, родот, племето, државата, религијата или пак разни други облици на здружување на заедницата.

Симболите како знамето, химната и грбот подразбираат народ, татковина, сувереност, граници и идентитет. Тие ја означуваат припадноста, честа, слогата и единството на заедницата. Без нив е назамисливо уредувањето на државите и нивните институции. Тие го поврзуваат народот, територијата и настаните низ историјата. Следејќи го човекот низ различните стадиуми на неговиот развој, во зависност од културниот развој, се раѓаат нови симболи кои го отсликуваат новото време и новите вредности. Во тој процес, како вечен сопатник на народот, некои од старите симболи одумираат, некои се видоизменуваат, а некои се возобновуваат и со извесни прекини имаат повеќевековен континуиетет, изразувајќи го притоа заедничкото и далечно паметење на идејата, целта, стремежот и состојбата во која се наоѓа народот. Сето тоа овозможува преживување и опстојувањето на народот пред напливот на новите современи цивилизациски вредности.

Во повеќе милениумската историја на Македонија, сонцето се сретнува како доминантен симбол. Главно сонцето се сретнува исклесано или насликано во камени стели, сакрални објекти и обредните предмети, облеки, штитови и монети. Најстарите соларни симболи на територијата на Македонија, датираат од времето на неолитот, т.н. „варварска идила“. Прекрасната керамика од времето на неолитот, полна со симболика поврзана со годишните времиња, јасно сведочи за тогашниот изразен култ кон сонцето и космосот. Дека навистина овој култ кон сонцето е изразен покажуваат примерите со Цоцов Камен и опсерваторијата Кокино. На овие места освен извршувањето култни обреди, се следат звездите што овозможувало создавање на прецизен календар кој помагал да се одреди времето за жетва или други важни датуми, што од друга страна пак укажува за постоење на една високоразвиена цивилизација кај древните Македонци. Печатот од Говрлево на кој е преставено дванесетокракото сонце, не само жто го потврдува сонцето како симбол на народот од Македонија, туку зборува за можноста од постоење на организирана држава многу порано од легендите за потеклото на владателската куќа на Македонците, поврзани со митскиот полубог Херакле, односно неговиот потомок Темен.

Првите пишани докази за култот кон сонцето на Македонците се поврзани со „таткото на историјата“ Херодот (484.ок.425,г.п.н.е.). Тој 200 години по владеењето на Пердика I (653г.пр Хр.), ќе раскаже: "...Трите потомци Теменови, браќата: Гаван, Аероп и Пердика избегале од Арг во Илирија, а од Илирија навлегувајќи во Горна Македонија дојдоа во градот Лебаја. Тука се вработија да служат кај кралот. Едниот ги чувал коњите, вториот говедата, а најмалиот од нив Пердика, ги чувал козите и овците. Беше тоа време кога и кралевите, а не само народот, беа сиромашни и немаа пари. Лебот го месеше и печеше самата кралица. Ама кога и да го печеше лебот за најмладиот, овчарот Пердика, тој секогаш двапати нараснуваше. И откога тоа истото секогаш се повторуваше, му раскажа таа на својот маж за ова. Штом кралот тоа го дочу, се сети дека тоа може да биде некој и дека претскажува нешто важно. Тој ги повика слугите и им нареди да ја иапуштат неговата земја. Овие пак му рекоа дека веднаш ќе си одат штом ќе ја добијат платата што ја заслужиле. А кога кралот слушна дека овие бараат плата, многу се разлутил, и бидејќи сонцето ги фрлаше своите зраци во куќата низ отворот на покривот каде минуваше чадот, им рече, бидејќи божеството го наведе на таа лудост, покажувајќи со раката на сонцето: „Еве, тоа е платата што ја заслуживте и што ви ја давам“. Гаван и Аероп беа вчудоневидени кога ова го дочуа, а најмладото дете, бидејќи случајно имаше меч рече: „Се согласуваме, кралу, да го примиме тоа што ни го даваш“ па со ножот го нацрта сончевиот зрак на куќниот под, и, исцртувајќи го тоа, зафати три пати сончеви зраци во своето крило, па потоа отиде и тој и тие со него“.

Освен по јазикот кој го употребувале, начинот на војување и облекување, Македонецот се разликувал од другите соседни народи и по симболот на сонцето кој го употребувал за да ја истакне својата божественост, бесмртност и својата посебност како народ. Култот кон сонцето кој постоел од праисторијата, за време на македонските кралеви ќе дојде до полн израз. Симболот на сонцето бил прикажан на накитот, монетите, оружјето и посебно на штитовите. Овој одраз кон култот на Сонцето, вербата во бесмртноста, односно вечното раѓање, ќе му овозможат на Александар и македонските војници да ги надминат сите искушенија, да ги добијат сите битки и да стигнат до Индија, нешто што во досегашната историја никому не му успеало. Македонските војници го имале овој симбол на своите штитови и се верувало дека симболот на Сонцето, дава моќ и победа на тој што го носи.