Бицепси, трицепси...

Day 2,248, 02:00 Published in North Macedonia North Macedonia by valikir

Пред многу години, сите мои врснички која еден, која двајца, која мажена, а јас поим си немав, толку убаво си го разработив имиџот на грда женска што за дечко не ми текнуваше.
Арно ама, се исплашија и од дома, и роднини, пријатели, комшии...па јас решив под итно да фатам еден, било каков.
И така, ми влезе в око еден бицепси, трицепси, ми се виде лесничок, чунки слушав многу машки мубети и на тој начин си ги перцепирав работите. Им беше пријател на моите комшии,намирисував кога иди, оставав книгите и оп на гости, на никого здраво, веднаш муабет со него, а ваму на другарките умрен по мене човекот демек, ме слушаја со зинати усти, дали ми веруваја не знам, важно им бев интересна. Еднаш го начекав в менза во домот кузман и оп му седнав на маса, и со полна уста со омиленото јадење шпагети си праев муабет, длабоко во себе душа ми се смееше што се правам уште понедопадлива, ама не можев, си реков ќе си истерам мајтап и готово.
Се погоди една дипломска на негов другар и јас се тупосав нa неговата прослава непоканета, дипломецов: ами ти едно здраво ми немаш направено, сега кај мене на прослава. Јас си се направив не слушнав, му посакав врвна кариера и одма си седнав до бицепси трицепси, до мене се курдиса негов другар и двајцата во исто време ми правеја муабети, така што другарчево го спаси.
Нејсе, дојде неговата дипломска на ред и јас потслушнав дека вечер ќе биде во гоце во диско. И вечерта кладов на мене парталите и заминав в диско со комшиите. По некое време ете го бицепси трицепси, врти сучи наоколу, се поздравува со јаки женски, јас упорно седев и чекав,вртеше пенкало едно зелено, разменуваше со типки таму адреси, телефони, и му го побарав за среќа и јас да дипломирам побрзо.
Се разретчи диското и тој и другар му ми ги дадоја пивата да сум му ги чувала и се задржаја баеѓи во вецето. Кога се врати почна нешто со дебел јазик да ми вергла, тешки глупости, се чудев зарем може да е некој толку прост и глупав, ама јас пак трепкав и колку што можев го гледав заљубено.
После некое време отиде пак на муабет со некои таму и ми се врати, пак ме канеше во некоја соба, го одбив најљубезно,започна да урла дека не знае што сакам од него, а богами ни јас не знаев, врв беше кога тресна дека пропуштил јака женска заради мене. Толку бев уморна од бркањето и трчањето по него, беше 4 саатот наутро, што му реков батка не сме на иста фреквенција, со здравје.
По некое време, ми недостигаше мајтаплак, и најдов телефонот и така започна една телефонска врска да ја речам, ама веќе не знам дали мајтап или озбилно беше. Човеков де вака, де така, на триста умишта, па ме навредуваше, па прикаски за други ми раскажуваше, за накрај да ми каже дека сака женски, ама помили му се машки, што дефинитивно да биде маж саканиот, јас втора или десетта, нема шанси. Овај небитен настан ме промени. Одеднаш видов дека има машки кои се интересираат за мене, се дотерав, се грижев за себеси.