Младиот Илија од Охрид тешко боледува од леукемија, потребна е ПОМОШ!

Day 1,706, 11:00 Published in North Macedonia North Macedonia by Ivan3232

Седумнаесетгодишниот Илија Јосифовски од Охрид боледува од леукемија, а за да преживее, потребна е итна операција во германскиот град Нирнберг, која чини 255.000 евра.



Фондот за здравство ќе покрие 80 отсто од трошоците, а 20 отсто паѓаат на грбот на семејството на Илија. Само за да биде примен во болницата, мора веднаш да се платат 20.000 евра, за да почне постапката за негово примање во нирнбершката болница. Семејството во моментов има собрано само 16.000 евра и очајно моли за помош за да го спаси животот на своето чедо.

„Очаен сум и не знам што да правам. Успеавме да собереме само 16.000 евра и итно мора да најдеме уште 4 до 5 илјади евра за да можеме да го однесеме Илија на операција. Картите за Нирнберг ни беа резервирани за утре, но ние не успеавме да ги собереме потребните пари. Ги молам сите хумани луѓе што можат некако да ми помогнат за да го спасам животот на син ми“, вели Миле Јосифовски, таткото на Илија.

Семејството Јосифовски се надева дека коскената срж на братот на Илија ќе биде добра и дека успешно ќе му се пресади на младото момче.

„За жал, во Македонија не успеавме да направиме испитување на коскената срж, односно дали имунолошки ќе се совпаѓа кај Илија. На одделението за имунологија ни рекоа дека лекарите биле по одмори и дека ќе сме морале да чекаме до 6 август. Сега тоа испитување ќе мора да го направиме на клиниката во Нирнберг. Времето ни е многу кратко, состојбата на Илија се влошува, а во моментов тој не прима никаква терапија. Мораме што побрзо да ги обезбедиме тие 5.000 евра што ни недостигаат“, вели таткото на Илија.

Илија е болен веќе две години. Десет месеци минал на детската болница во Скопје примајќи хемотерапија, а потоа терапијата продолжил да ја прима преку таблети. Состојбата по терапијата му се подобрила, но пред две недели болеста повторно се вратила. Моментално тој не прима никаква терапија и се наоѓа во многу лоша состојба.

Сите хумани граѓани што сакаат и имаат можност да помогнат паричните средства за спасување на животот на Илија може да ги донираат на следнава жиро-сметка во Тутунска банка – филијала Охрид: 210 – 700000598044 на име Миле Јосифовски со назнака за хуманитарна помош за Илија Јосифовски од Охрид.

Хуманите граѓани може да донираат и преку свртување на еден од следниве

телефони:

1. 075 143 350,

2. 070 143 111 и

3. 077 143 413.