СРЕЌЕН РОДЕНДЕН ВАРДАРЕ !!!

Day 1,706, 06:33 Published in North Macedonia North Macedonia by Lebarot


Ако си од Скопје, а велиш дека твојот омилен фудбалски клуб е Барселона, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, Милан или Интер, тогаш навистина си во заблуда. Скопјани имаат еден омилен тим. Тоа е оној фудбалски клуб, кој речиси го распродаде целиот стадион за само еден ден. И како што знаат да кажат само „Комитите“, „сите сте за Вардар само не признавате“. Изминативе 65 години фудбалскиот клуб Вардар стана најпознатиот бренд на главниот град, рамо до рамо со Калето и Камениот мост. Спортска страст, која со генерации наназад носеше многу радост, но исто така и многу тага. Сепак и во најсветлите денови и во најтемните, Скопје стоеше зад Вардар.



Најуспешниот и најдобриот македонски фудбалски клуб е формиран на 22 јули 1947 година со фузија на тогашните скопски клубови ФК Македонија и ФК Победа. Боите на Вардар најпрво биле сина и бела, потоа биле сменети во црвено-бела, за по катастрофалниот земјотрес во 1963-тата година да ја добие денешната препознатлива „црвено-црна“ боја. Во изминативе 65 години дресот на Вардар го носеле и го носат само најдобрите фудбалери. Секој македонски фудбалер во минатото сонувал за „црвено-црниот“ дрес, а така останува и денеска. Многумина ја облекоа „униформата“ на главниот град, но не сите оставија „печат“ во срцата на навивачите и клупската историја. Постарите навивачи на клубот навиваа за Кирил Дојчиновски, Андон Дончевски, Методија Спасовски, потоа во славните осумдесети години од минатиот век во мода беа Јовановски, Панчев, Рингов, Најдоски, Јаневски. По осамостојувањето се навиваше за Саша Ќириќ, Бобан Бабунски, Жанко Савов, Александар Бајевски, Артим Шаќири, потоа за Гроздановски и Васовски, а сега за Илиевски, Таневски, Стјепановиќ, Рангеловиќ, Костовски и сите кои моментално го носат дресот на Вардар.

Вардар во својата историја освои шест шампионски титули во македонското првенство и пет национални купови. Во поранешна Југославија, Вардар еднаш беше шампион и тоа во 1987 година, а во 1961 го освои и Југословенскиот Куп. Скопскиот клуб во последниве две години се соочи со најголемите проблеми во својата историја. Клубот беше пред распаѓање и испаѓање од Првата македонска фудбалска лига. Сепак со превземањето на клубот од страна на градските власти, тој експресно се врати на победничките патеки, каде и што припаѓа. Моментално Вардар повторно е во мода. На натпреварот со БАТЕ Борисов во рамки на раваншот во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите се очекува арената „Филип Втори“ за прв пат да биде исполнета до последното место. Се очекува посета од околу 33.000 гледачи, бидејќи уште вчера на првиот ден од продажбата на билетите беа продадени дури 25.000 билети. Ова уште една покажува за кого навиваат Скопје и Македонија.



СРЕЌЕН РОДЕНДЕН ВАРДАРЕ!