Кралско Ибериско дерби! Роналдо или тика-така?

Day 1,681, 10:29 Published in North Macedonia Armenia by Zombinho

Вечерва во Доњецк селекциите на Португалија и на бранителот на тронот Шпанија ќе ги одмерат силите во првата полуфинална пресметка на ЕУРо 2012. Победникот од вечерашната средба во големото финале в недела ќе се соочи со подобриот од утрешниот дуел меѓу Италија и Германија.

Во денешното ибериско дерби, меѓу светскиот и европски шампион Шпанија и Португалија, ќе биде познат првиот финалист на ЕУРО 2012. Шпанците сакаат да остварат историски троен успех: две титули европски шампион во низа и светска титула меѓу нив, а тоа до сега не го постигнал ниту еден тим.

Португалците се потпираат главно на уметноста на својата супер ѕвезда Кристијано Роналдо. По третото место на Мундијалот во 1966-та година и второто место на европското првенство во 2004-та година во својата сопствена земја, конечно треба да дојде и првата голема меѓународна титула.

Дел Боске очекувано, најголемо внимание му посветува на човекот кој е најголема опасност по голот на Касиљас, Кристијано Роналдо, иако Португалците имаат уште неколкумина вонсериски фудбалери во своите редови.

„Мораме да го сопреме. Особено внимание ќе му посветиме на Роналдо. Тоа е неверојатен играч, за кој е нормално да се говори многу. Во ЈАР пред две години знаевме како да ги неутрализираме, сега ќе се обидеме да го повториме истото. Важно е да ја играме својата игра и да ги развиваме нашите идеи“, изјави Дел Боске.

Полуфиналето е како некој вид на семеен собир. Шпанците Касиљас, Алонсо, Серхио Рамос и Алваро Арбелоа ќе играат против своите португалски клубски колеги Роналдо, Пепе и Фабио Коентрао од Реал Мадрид.

„Не сум разговарал со него. Веројатно ќе разговараме кога ќе се видиме пред мечот. Тој е еден од најдобрите светски играчи и мора да сте на врвно ниво за да го сопрете. Јас знам дека е тешко да се сопре Роналдо во 90 минути, но тоа е голем предизвик за мене“, вели Арбелоа.

Сепак, иако Шпанија важи за благ фаворит во дуелот, Португалците се оптимисти и веруваат во пласман во финале.

„Имаме амбиција, желба и знаеме што треба да сториме. Мора да им наметнеме притисок. Целта е да не се браниме постојано. Можеме да им направиме проблем. Имаме голема можност, еднаква како таа пред осум години, да го играме второто финале во историјата“, вели Пауло Бенто, селекторот на Португалците.

o7
Zombinho