Вие, мангупи, почивајте во мир...

Day 1,610, 05:31 Published in North Macedonia North Macedonia by ilijovski.crane

Во чест на петорицата убиени македонци кај Смилковското езеро го објавувам овој текст на нашиот сограѓанин Borce Trajkovski. Текстот е објавен и на Facebook страната: https://www.facebook.com/groups/197480200368729/
Слава им

И небото над Скопје тивко заплака. Капка по капка, вир. И солзите од Радишани се слеваат заедно со нив. Течат на истото место. Солза по солза, и пак вир. Ги бришат трагите. Чиниш сакаат да ја измијат крвта. Локва по локва. Една овде, друга малку понатака, трета, четврта, петта. Се’ уште не засирена, до завчера зовриена. И дождот сака да ги нема денес. И солзите на мајките. Да, денес не траба да ги има. Денес земјата мора да ги впие тие дамки и преку подземните катакомби да ги однесе право таму. Таму, каде еден покрај друг за навек ќе почиваат матурантите. Мангупска работа. Заедно на журки, заедно по женски, заедно на риба, заедно, засекогаш. И што ако се договараа за Велигденската ноќ? За квалитетот на облеката за матурската вечер, за изборот на факултетот, за најдолгото лето, за Снежана, за Лилјана, за Билјана, за Јулијана, Виолета, за Тања, за...? Убава е ноќва, ајде по риба? Еден предложил. Другите веднаш прифатиле. Или сме или не сме другари. Нема зезанција. Каде едниот, таму и останатите. На средба со Ѓаволот ако треба. Никој ништо не ни може. Будалетинки. Можеби помислиле дека се статисти во крвава сцена од филм? Монструмот ги натерал да легнат еден покрај друг, небаре се на физичко и професорот им наредува да прават склекови. Што се за нас сто склека? Се насмеале, гарант. Ма илјада ако треба? Штом сме еден покрај друг, никој во ништо не може да не’ сопре, да не’ поколеба, да не раздели. Истрели, и молк. Одеднаш молк. Да момчиња, повеќе никој нема да може да ве раздели. И не се заебаајте. Христос навистина е воскреснат. Утре на плноќ, и вие ќе воскреснете. Навистина ќе воскреснете. Немавте време да се наполните со гревови. Ние? Ние, денес ќе плачеме со небото, со капките на дождот, со солзите на вашите мајки, татковци, браќа, сестри, роднини. Ќе ги бришеме трагите. Денес ќа плачат сите. И Снежана, и Лилјана, и Билјана, и Виолета, и Тања. И јас, и ние, и тие. Вие? Не. Вие немавте време да заплачете. Ви ги прекратија и солзите. Вие, мангупи, почивајте во мир...