ЗА НАС (Комита, војвода и кодош)

Day 1,552, 07:49 Published in North Macedonia North Macedonia by ilijovski.crane

ЈАСНО ЛИ ВИ Е ДЕКА ПОПУСТО СЕ ФАЛИМЕ СО НАШИТЕ ДЕЈЦИ, СО НАШИТЕ ПЕСНИ И ОРА КОГА, ВАДЕЈЌИ СИ ГИ ОЧИТЕ И КРШЕЈЌИ СИ ГИ 'РБЕТИТЕ САМИ НА СЕБЕ, ЕДЕН ДЕН НЕ ЌЕ МОЖЕМЕ НИ ДА ГИ СПОМЕНУВАМЕ, НИ ДА ГИ ПЕЕМЕ, НИ ДА ГИ ИГРАМЕ

Секој народ се издвојува од другите по нешто што само него го прави таков каков што е. Тоа може да биде неговата култура, традиција, или, пак, минато. Македонскиот народ се издвојува од другите, пред се од своите соседи, по својот надалеку познат фолклор, славното минато и пребогатата традиција. Сето ова е прекрасно. Но, кога ќе погледнеме уште нешто што нас Македонците не "краси", ќе си речеме, па попусто е сево ова што го имаме кога оваа дамка фрла сенка врз се. Тоа е дамката којашто Македонецот ја носи на себе во ова негово повеќе од тримилениумско постоење и битисување. Тоа е синдромот на самоуништувањето и завидливоста. Иако знам дека со делови од овој говор некои од вас нема да се согласат, сепак, сигурен сум дека и самите тие потајно во себе знаат дека сум во право затоа што и тие понекогаш се однесувале или се однесуваат како хронично заболени од овој синдром. За да стане појасно за што зборувам, ќе се вратам малку назад во историјата. Александар, кралот над кралевите, откако стана тоа што сите знаеме дека бил, и почина многу млад, нему верните генерали не чекаа ниту да се олади неговото тело за да ја поделат империјата. Самоил, судбината и кон него не беше милостива. Откако му ги предадоа и ослепеа војниците кај Беласица и од жал тој умре, истата судбина го снајде и неговиот син Гаврило, кој умре предаден од братучед му Иван. За трагедијата да биде поголема и императорот византиски Василиј беше Македонец, еден од родоначалниците на македонската династија византиски императори. Да не зборувам за нашите илинденци, од кои ретко кој ја имаше среќата да умре непредаден. Гоце, Ѓорче, Јане, Никола, Христо, Пере, Даме, сите тие беа предадени од Македонци заслепени од гнилиот сјај на лирите, динарите и левовите. Како сето ова да ни беше малку па ни требаа уште седумдесетина години во кои не се знае колку млади Македонци со идејата за обединета и независна Македонија, ги загубија животите само затоа што некој сакал да заработи на нивната несреќа. Дојдоа деведесеттите години на минатиот век. Капак на се. Поранешните црвени ја сменија бојата со сина, а црвената ја презедоа оние другите кои претходно беа гонети од нив. И наместо тие да работат заедно за доброто на сите, секојдневно им приредуваа и се уште им приредуваат невидени спектакли на другите кои веќе залегнаа во улогата на сеирџии. Да ви кажам, знаете ли што е еден Македонец - комита, знаете ли што се двајца Македонци - комита и војвода, а знаете ли што се тројца Македонци - комита, војвода и кодош. Сега јасно ли ви е за што ви зборувам? Јасно ли ви е дека попусто се фалиме со нашите дејци, со нашите песни и ора кога, вадејќи си ги очите и кршејќи си ги 'рбетите сами на себе, еден ден не ќе можеме ни да ги споменуваме, ни да ги пееме, ни да ги играме. И малку ни се предлозите од типот "Ние вам името, а вие нам Аце дајте ни го", или "македонски јазик, само како уставна категорија", или, пак, "Кодра Фура од другата страна на границата", а може и "Охридска архиепископија, а не Македонска православна црква". Попусто ќе биде Европа, ако уште и десет прашалници ни даде и не знам колку милиони евра помош, кога ние никогаш нема да се поместиме од ова калливо мочуриште во кое од ден на ден се повеќе и повеќе тонеме. Еј, Македонецу, освести се, зар не гледаш дека никој не те сака во свое друштво ваков каков што си, затоа што знае дека, ако се сврти на другата страна, ти ќе го накодошиш кај другиот. Но, изгледа, тебе ум не ти доаѓа, па пак истото си го тераш. Ако само напред, Македонецу, но јас и таквите будали како мене уште малку ќе се обидуваат да те разубедат, а кога и ние ќе кренеме раце од тебе, не знам дали ќе продолжиш со игра и песна низ целиот свет.

Илија Илијовски, поранешен Претседател на Клубот на оратори

(Говор изведен на Осма ораторска вечер ИВО ПУХАН, одржана на Прваниот факултет ЈУСТИНИЈАН ПРВИ, Скопје, на 09. 12. 2002 година. подоцна објавен и во весникот Вечер на 24. 12. 2004 година)