Вмровските спинери и националните интереси

Day 1,451, 15:16 Published in North Macedonia North Macedonia by Branko Crvenkovksi II

Немам обичај да ги следам активностите на Латас, оти во земјава не постои поголем спинер од него. Ама, денес случајно наидов на неговата колумна „Пораки“ и одлучив да ја прочитам. И има што да видам. Од последниот пат кога прочитав негова колумна (2009 г.), човеков ептен збрлавел.

Не ме изненади што во текстот ги обвинува сите неистомисленици на газда Ѕинго и другар му Грујо. Тоа е веќе видена и добро позната тактика, која ја применуваат и останатите негови колеги спинери.

Не сум изненаден ниту од тоа што Латас ги напаѓа претставниците на ЕК, европратениците, еврокомесарите, во суштина сè поврзано со Европската Унија. Познато е и дека со ваквите негови изјави Латас веќе некое време се обидува да ја дисквалификува Македонија од трката за влез во ЕУ.

Ќе се обидам да замижам пред фактот што текстот изобилува со правописни и граматички грешки, вулгаризми, турбо фолк и небулозни невистини. Сето ова претставува сериозен проблем кој ја уназадува нашата култура, ама за жал не е најопасниот удар кој новинаров ѝ го задава на македонската нација.

Сепак, не можам да замижам на насилничката, националистичката и србоманската реторика со која се служи. Не можам ниту да му простам што јасно и отворено се обидува да го наруши мирот во земјава и да предизвика меѓуетнички тензии.

Латас му објави (за сега вербална) војна на коалициониот партнер на Груевски – Али Ахмети. Да, тоа е истиот оној партнер со кој пред некој месец Грујо мирно се спогоди и договори да продаде неколку значајни македонски интереси, а за возврат си остана во премиерската фотелја.

Очигледно за Латас е во ред пазарењето со националните интереси, но не и обезбедувањето на македонската територија преку влез во НАТО, или покачувањето на македонскиот стандард преку влезот во ЕУ. Па, затоа „експертов“ предлага да почнеме нова војна. Да заборавиме на сиот напредок кој сме го постигнале на план на меѓуетничка соработка и мултикутурно општество, вели Латас.

Од целата негова колумна, ништо не ме запрепасти толку како неговиот предлог да сме се вклучиле во сојуз со Србија со цел да го побиеме албанскиот фактор (?!).

Како оди тоа негово „решение“ во прилог на зачувувањето на македонскиот идентитет, за кој Грујо тврди дека ревносно се бори?!? Како тоа негово решение ќе помогне да се зачуваат границите и суверенитетот на нашата земја? Како тоа ќе помогне да се покачат македонските плати, да се зголемат правата на македонските граѓани? Како тоа ќе ја направи Македонија влијателна земја?

Ма, гајле му е на Латас за македонскиот идентитет, за интегритетот и стандардот во земјава, гајле му е на него за Македонија воопшто.

Си кажа тој – сака Македонија да ја види во Србија. За господинот Павловиќ важен е само српскиот национализам и шовинизам. Уште во срце си ги носи идеалите на Милошевиќ за Голема Србија.

Колку што му е гајле на него, толку им е гајле и на челниците на ДПМНЕ. На нив им се важни само нивните фотелји. Фотелјите им се важни и на ДПМНЕвските полтрони кои во текот на работното време позитивно го оценуваат и коментираат под текстот на Латас. Веќе не знаат кој став да го заземат луѓево, ама не им е ни важно. Напаѓаат сè и сешто, без грижа на совеста дека со таквите постапки го поткопуваат интегритетот на земјата. Сè ќе сторат само да ја задржат фотелјата и да си земаат плата од буџет.

Ако продолжат вака, ни отиде државата јабана. Ниту еден Македонец кој ја сака својата земја не смее тоа да им го дозволи. Има начин да го отстраниме туморот ДПМНЕ од државата пред да почне да метастазира. Од нас зависи. Треба само да се приклучиме.

Yours,

Branko