Активности за зголемување на златните резерви [Претседател]

Day 1,180, 07:54 Published in North Macedonia North Macedonia by Narodna Banka na Makedonija




Почитувани еМакедонци,


Оваа обраќање кон Вас го посветувам на активностите за зголемување на резервите на злато на еМакедонија.


Во првите два месеци, главно преку печатење на нови денари и монетарниот пазар, беа создадени завидни резерви на злато. Меѓутоа, едномесечната војна не’ донесе во состојба тие резерви речиси целосно да бидат истрошени. Сега сме во состојба кога мораме повторно да го зголемиме златото во државната каса.

Златото е неопходно за функционирање на државата. Прво, за секој потпишан сојуз, потребни ни се 100 златници. Второ, резервите од злато се пресудни за успешно водење војни. За да можеме да го постигнеме и првото и второто – ние мора неколкукратно да ги зголемиме сегашните резерви од 569 златници.


За таа цел ќе бидат превземени следните мерки:


1. Монетарен пазар – сега не можеме со иста динамика како и порано да продаваме денари во замена за злато. Но можеме тоа да го правиме ограничено и претпазливо. За таа цел, секогаш кога продавате злато а купувате денари, ве молам тоа правете го од ПОНУДАТА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЕКОНОМИЈА. Значи, можеби таа понуда нема да е веднаш на првата страна. Побарајте ја, и купете денари само од Министерството за економија. Особено да ги избегнувате странските шпекуланти. Никако не купувајте/продавајте на нив. На тој начин, вашето злато ќе влегува во државата, а нема да оди во странци.


2. Конгресни медали – како и досега, праксата за дарување на златото од конгресните медали ќе ја запазиме. Тоа се 150 златници месечно (еден и пол Сојуз) и воопшто не е занемарлива сума. Тоа злато ќе очакуваме да се донира на Народна Банка на еМакедонија, како што е впрочем пракса и досега.


3. Државна извозна компанија – во план е да отвориме компанија, налик на српската Валета. Се разбира, оваа македонска ‘мини Валета’ ќе започне скромно и ќе се развива постепено, најпрвин продавајќи скромен асортиман на производи. Ќе ги таргетираме странските државјани и нашите иселеници во другите еЗемји. Ова е голем проект, но нема да избрзуваме, туку постепено ќе го градиме и шириме. Ова може да биде сериозен извор на злато за еМакедонија. Ќе оди под брендот – Купувајте производи со сонценце 🙂


4. Донации до Народна Банка – пракса на секоја еЗемја е да организира вакви акции. Само да Ве потсетам дека соседна еГрција (која го има најбогатиот играч во Ерепублик) организираше иста таква акција за донирање од граѓаните до нивната народна Банка, веднаш по војната со Турција. Затоа, го повикувам секој еден еМакедонец да донира колку може на НАРОДНА БАНКА НА МАКЕДОНИЈА! Речиси сите сојузи ни истекуваат за некој ден, а со моменталните 569 златници не можеме да обезбедиме силна мрежа од сојузништва. Ве повикувам да донирате по 1 златник, или ако сте ептен во криза 🙂 бар по 0.5. За жал, во војната беа истрошени резервите и сега морам да Ве повикам да и помогнете на еМакедонија.


Со сите овие активности заедно – очекувам да го зголемиме златото во државната каса. еМакедонија може да биде силна и ние горди на неа, само ако играме сложно и ја помагаме нашата еТатковина. Преку купувањето денари од Министерството за економија, преку купувањето на домашни производи, преку донациите до Народната Банка – ние сите заедно можеме да ја направиме еМакедонија побогата и посилна.


Не размислувајте дека ‘другите ќе дадат – јас не мора’. Како беше тоа – ТИ СИ Македонија 🙂


СЕКОЈ од нас мора да придонесе доколку сакаме да имаме силна еМакедонија.


П.С. Оние кои мислат дека ова е популизам, нека си тераат како сакаат и не мора да се придржуваат до овие упатства. Како што напишал Гане : Колку сме, толку сме, токму сме.


Да живее Македонија !


Со почит, Струмјанин