sportot&politikata i vladata na Ghueski..Taka se pisese?

Day 1,531, 16:40 Published in North Macedonia North Macedonia by StapVolnen

Во нашата држава политиката е игра во која се тепаат две партии опседнати со своите суети, поради кои Македонија постојано губи


Европа е голем континент, а богами има и бајаги држави на него. И на овој наш европски континент, Македонија е четврта во кошарка и петта (или шеста) во ракомет. За мене тоа не е мала работа. Оние, пак, што сакаат успесите на нашите спортисти да ги сведат на „Ништо посебно!“, само би ги прашал дали ќе беше „Ништо посебно!“ ако Македонија имаше шеста економија по квалитет во Европа? Замислете само просечната плата да ни беше шеста по висина во Европа! Фантастично, нели? Е па, нашите спортисти завршија фантастична работа. Тоа што нашите политички репрезентации играат мизерно на теренот наречен „економија“ последниве дваесет години е сосема друга работа. Не знаат да играат, и толку. Нема срце на терен, нема пожртвуваност, нема тактика. Или, ако сакате поинаку кажано, тие играат, ама само за себе и своите кариери. Јас не сум видел досега политичка гарнитура кај нас, да истера неуспешен мандат, а сите мандати досега беа неуспешни. значи не сум видел никои од овие типчиња што себеси се викаат политичари, после неуспешна сезона да бидат и неуспешни приватно, па да ги видиме како бараат вработување, како крпат крај со крај во месецот. Напротив. Бизнисите им цветаат, куќите им се големи, децата им студираат во странство, а тие заруменети во образите, подздебелени во газовите, расклештени преку образите.






Ај што не знаат да играат на теренот што го одбрале за играње, ама и цело време се обидуваат да ги исполитизираат оние што знаат како се игра, оние што, за разлика од нив, знаеле да изберат за кој спорт ги бива. Па така, го имате Кире Лазаров ,кој избрал ракомет и е најдобар стрелец во Европа, и го имате Гордан Георгиев, кој избрал политика и е никој и ништо на политичката сцена во истата таа Европа. Успешен стрелец може да биде само во хороскоп, се разбира, ако е Стрелец во хороскоп. Кога ќе видам како ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се препукуваат за ракометот, кошарката, навивањето и еуфоријата, веднаш ја добивам онаа идеја за увезување шведски политичари. Оти немаме потреба од увезување шведски ракометари, нашите подобро играат во моментов, ама затоа нашите политичари, за разлика од шведските, се петта регионална аматерска лига, и тоа кога станува збор за играњето за сопствената држава.
Зад нив, зад нашиве политички аматери, стојат нивните мегафони посадени што во медиуми, што во невладин сектор. И тие, како и политичарите, наеднаш знаат сé за спортот, за навивањето, па анализираат песни, политизираат стихови, фашизоидираат зборови. Да ги фати човек за уши и да ги прошета до демократска Шпанија, не на шопинг и факинг, туку да чујат што едни на други си пеат навивачите од Кастилја и Каталонија, фашизмот на Македонците ќе им изгледа како детски рецитали. Тука се разбира дека не ви зборувам за онаа глупава „А бре Македонче“, во која Македончето, а не Македонецот, се спрема за некаде, веројатно да фати магла, па гласот го потсетува дека борба го чека.




И така, ги имаме политичарите, ги имаме нивните мегафони и сите тие се неверојатно вешти спортски аналитичари, ма ги бива бре за сé, освен за тоа за кое земаат плата. Се прашував во почетокот која ли им е поентата, целта? Дали сакаат да ни преседне задоволството? Можеби сакаат да ни го одвлечат вниманието од паркетот, па да не се занимаваме со Перо Антиќ и Наумче Мојсовски, туку да им го посветиме само ним целото наше време, оти а ние гледаме спорт, ете ти ги нив за спортот, штом ние оглупуваме покрај шпански и турски сапуници, ете ти ги насловите и ликовите од истите тие сапуници во нивните говори. И на крајот ми текна. Успесите во спортот кај секој народ на планетава ги зголемуваат очекувањата на луѓето, а нашите политичари, учени и обработувани, беа исфрлени на теренот Македонија со идеја дека публиката за која играат има ниски очекувања, наведната глава и свиткана кичма. И наеднаш македонските спортисти ем му носат радост на народот, ем му ги зголемуваат желбите и замислете, само замислете, наеднаш да почнеме и од политичарите да очекуваме да играат ферплеј, да спроведуваат победничка тактика, да работат, да создаваат, да бидат врвни во својата дисциплина, да го направат овој народ горд, а земјата успешна, четврта или петта во Европа.
Јас спорт следам уште од времето на Сушиќ, Шестиќ и Рингов, знам што беше Металопластика, а што Цибона и денес ми е совршено јасно што си кажуваат едни на други навивачите на ПСВ Ајндховен и Ајакс, можам да препознаам колкав идиот е Марио Балотели или да проценам во каква криза е западнат Мајами хит и сосема ми е едноставно да сфатам дека Наумче од Металург и Кире од Атлетико Мадрид играат за различни екипи, ама срцето на терен го оставаат за Македонија. Политика следам многу пократко, па веројатно затоа не можам да разберам како играчите од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ никако не сакаат да заиграат заедно кога е во прашање тимот Македонија, туку напротив, постојано си ставаат сопки, кажуваат едни за други нешта што би требало да се забрани да го слушаат деца, ма и очи би си извадиле ако тоа беше дел од правилата на играта, а ваму, без никаков проблем, мрежата на Македонија ја полни сиромаштијата, газдите на монополите, транзициските богаташи, нелустрираните кодоши, грчките политичари, секоја втора шушумига од бриселски бирократ. Но тие, нашите политичари, никогаш нема да си ги признаат сопствените грешки, а камоли да се обидат да ги поправат.




Затоа ќе нé обвинуваат нас, па ќе ни кажат дека имаме преголеми амбиции, ќе ни кажат дека ни е забрането да поставуваме прашања што не заслужуваат одговор, ќе нé мавтаат со статистики и калкулации, ама тешко дека ќе ни дадат резултати. Патем, во духот на „кумровачката школа“ ќе нé рашамараат со пар етикети, па ќе се чудите кога ќе откриете дека сте конзервативен наркоман со назадни десничарски идеи што забегуваат налево, проевропски настроен евроскептик, а богами и вмровска комуњара. Ако, според духовитиот Гари Линекер, фудбалот е игра во која играат дваесет и двајца играчи со една топка цели деведесет минути и на крајот секогаш победуваат Германците, во нашата држава политиката е игра во која се тепаат две партии опседнати со своите суети, поради кои Македонија постојано губи

http://www.youtube.com/watch?v=UpgXe9cO-eg DA ZIVEE VLADATA !!!