За сите вљубени.. една вистинска приказна / To all those in love, a true story..

Day 1,178, 15:54 Published in North Macedonia North Macedonia by AnaTheQueen

По повод претстојниот празник на вљубените, но и за сите вљубени кои си го слават нашиот Св. Трифун, сакам да споделам со вас една многу поучна приказна во врска со љубовта:


Еднаш многу одамна, сите човекови чувства, доблести и маани се собрале на едно скришно место на Земјата...

Кога Досадата зевна веќе по трети пат, Лудоста, секогаш лудо расположена предложи:

"Ајде да играме криенка!
Кој најдобро ќе се сокрие, ќе биде победник меѓу сите чувства"

Интригата ја подигна десната веѓа, а Љубопитноста неможејќи да премолчи запраша:

"Криенка? Каква е таа игра?"

"Тоа е една игра", започна да објаснува Лудоста,"во која јас ги покривам очите и бројам до милион, додека сите вие за тоа време се обидувате да се сокриете. Кога ќе завршам со броење, тргнувам во потрага и кого последен ќе го пронајдам тој е победник"

Ентузијазмот веднаш заплеска, а истовремено му се придружи и Воодушевувањето.

Среќата толку многу скокаше, што успеа да ги наговори да играат и Сомнежот и Апатијата, кои никогаш ништо не ги интересираше.

Но не сакаа сите да играат.

Вистината беше против криењето, а и зошто би се криела?
Неа и онака секогаш на крајот сите ја пронаоѓаат.

Гордоста мислеше дека тоа е глупава игра, но всушност неа цело време ја мачеше помислата зошто таа прва не се сети да ја предложи играта.

Вниманието воопшто не сакаше да ризикува.

"Еден, два, три......" почна да брои Лудоста

Прва се сокри Мрзата, која како и секогаш, само се фрли зад првиот камен на кој ќе наидеше на патот.

Верата се качи горе на небото.

Зависта се сокри во сенката на Успехот, кој пак мачејќи се, се искачи на врвот од највисокото дрво.

Дарежливоста никако не можеше да се одлучи каде да се сокрие, бидејќи секое место нејзе и се чинеше совршено за некој од нејзините пријатели.

Убавината веднаш скокна во кристално чистото езеро, а Срамежливоста се провре низ пукнатината на едно дрво.
Раскошот го најде своето место во летот на пеперутката, а Слободата во здивот на ветерот.

Себичноста си пронајде место за криење, но само за себе!

Лагата се сокри на крајот од виножитото (Лаже, беше на дното од океанот) a Желбата и Страста во кратерот на вулканот.

Заборавот заборави да се скрие, ама тоа не е важно.

Кога Лудоста стигна до 999.999, Љубовта сеуште немаше најдено место за криење бидејќи се беше зафатено. Здогледувајќи ги прекрасните рози, веднаш подрипна кон нив и се сокри меѓу нивните прекрасни пупки.

"Милион!" извика Лудоста и ја започна својата потрага.

Прво ја пронајде Мрзата, позади најблискиот камен.
Бргу потоа ја слушна Верата на небото како се расправа во врска со теологијата.
Страста и Желбата од страв излегоа од вулканот.
Случајно тука се најде и Зависта и нормално Успехот покрај неа, а Себичноста не ни требаше да се бара.
Самата излета од своето совршено скривалиште кое се покажа дека е всушност пчелино гнездо.
Од толку многу барање Лудоста ожедне па така во кристално чистото езеро ја најде Убавината.
Сомнежот и беше полесно, бидејќи тој не можеше да се одлучи каде да се сокрие и затоа си остана да си седи на еден камен.
Така Лудоста, малку по малку ги пронајде скоро сите:

Талентот во житото со златен клас
Тежината во изгорената трева
Лагата на крајот од виножитото (Лаже, беше на дното од океанот), а Заборавот заборави дека воопшто играле нешто.

Само Љубовта не можеше никаде да ја пронајде.

Ја пребара секоја грмушка и секој планински врв и кога веќе се разбесни, ги здогледа розите.
Се доближи до нив, зема една сува прачка и таква бесна и изнемоштена почна да удира по нивните прекрасни пупки.

Оддеднаш се слушна болен крик -
трњето од розите и ги имаше изгребано очите на Љубовта

Лудоста не знаеше што да прави
Го пронајде победникот, чувството над чувствата, ама Љубовта остана слепа.
Плачејќи ја молеше Љубовта да и прости за се и на крајот одлучи засекогаш да остане покрај неа и да и помага.

Така Љубовта стана победник меѓу сите чувства, но затоа остана слепа, а Лудоста оттогаш ја прати секаде каде што оди таа.