БИЛБОРДИРАЈ МЕ НЕЖНО !!![ORIGINAL MKD]

Day 2,065, 05:36 Published in North Macedonia North Macedonia by ORIGINAL MKD

Дради мои читатели дојде време и јас да се активирам , и да напишам една доста интересна и мошне комична , но сепак вистинита статија...


Одам се радувам ко луд , како ли само ми текна , и тоа без помош на пошироката меѓународна , без бриселски консултанти од 8-ма категорија , да внимавам , да не сум толку глуп , па како што рекол Клод Леви Строс во една неприлика , "да чекам владата да ми ги решава проблемите".
Не бе , не барам , не се бунам , не инсистирам таа да ми го организира, обезбеди, спонзорира... одењето на работа, еколошко одење, пеш одење.Одам во сопствена режија, на сопствена одговорност.Строго по шенг-фуј! Пардон фенг-шуи.Кај што не е средено, кај што не е топтан шенгфуизирано, моја нога не стапнува, ич не сакам да дискутирам. Одам и дишам јогински, строго урбана варијанта шест чекори удиш , шест издиш. Се движам низ воздухот таи-чи-чуански, нежно го галам, лизгам низ него како да е воздух од Хвар, а не одној нашиот скопски , гад-загаден. Го галам, не го сечам со мавтање на рацете.Тоа е од малку себични причини.Што знаеш, денес ништо полесно од тоа да налеташ на човек-бомба.Не да ги има, врие по улиците.Ќе го допреш , ќе ти експлодира, ќе те разнесе по сите медиуми, твоето достоинство со години градено ќе се најде по крвожедните ТВ-канали како на бодиарт-изложба, модерна до гола коска.
И строго внимавам да ширам околу себе од оние најсилни дози англосаксонски позитивни вибрации. Ете , со нив само што ѕирнав во зелената трева околу едно училиште ,од тревките веднаш пркнаа три-четири кокичиња и весело ми отпоздравија. Срценца мали. Таа нивна пркнатост ме потсети дека во агендата на мојот мини-пат до работа строго си зацртав: зјапање по женски... јок! И така беше , освен , освен една... Не ја ѕирнав онака бе , тангентно.
Полека налетувам на билбордите ,макси иконите на нашата нова религија. Кренале глава гордо високо , никнуваат побрзо и од политички партии со демократски предзнак, Значи , браво за бизнисот , за власта , едно со нив. И никако да сфатам што му е на овој народ! Ете се нашле луѓе , нашле време , пари , запнале , потавиле билборди , се потрудиле , укажуваат на фактот колку животот е убав , полн нови мобилни , автомобили , лиски... Џабе и поџабе. Црнчат дење-ноќе сите тие некогаш уметници , сега дизајнери , во петоколонашките компании во државичево ни данско , деноноќно не билбордираат со невидена убавина што ме "изморува веќе", на секој чекор раскрилени ко светци , плус со фино културно објаснување во 2 гр. Реченици , КАКО треба , СО ШТО треба , КАДЕ треба да се живее среќно , пресреќно , со тие лични, едни позитивни фацки ,рај што претекува ко млеко од лонче. А за кого? За дебакл-фаците кои се мавтаат наоколу испокинато, раздрпано , раскинато , откинато...
Неблагодарници , секој ден упорно , за инает , истите истуткани сега и тука , не ја рецкаат билборд-убавината , без ич рефлексија , нигде интерактивност , богати! Очај и дезориентираност ко да сме со светлосни години далеку од ЕУ и НАТО. И ај оди спој го тоа нивно балканско со европското во билбордите ...
Се разминуваат , скарани едни со други , очи не сакаат да си видат.Ама јас не . Еве ме пред билборд. Висок , зрак светлина во рмачниот ми живот. Преубав мобилен ми се насмевнува одозгора. ТВОЈ сум ! Вреска. Како бе мој ? Мојот е во мојот џеб. Дискретно ѕирнувам , гледам не ме гледа никој , мојот мобилен ... да бе, во џебот ми е , го знам , крш. Каков нов ? Подлабоко в џеп го брцнувам , голтам кнедла , одам. Вториот билдборд , убав ко плата на први. Една стросана , една ци... се под конец.Подоко гледам во мојата јакна, конец виси лево, јакната мрсосана , реклама за зејтин , петлицата долу... кај е ?Златна бубамара за чистка утка. Собран ко на минус 12 , еве ме пред новиот убавец . Се оптегнало билборд среќно семејство , уживанција. Маж , жена , две деца , глава да те фати од што се среќни . Усти полни заби , пукаат од среќа само што не ме погодил некој заталкан куршум. Кај ги видов , кај се запустив . Само ме потсетија на викендов , дома кланица за нов мобилен на малата . Добро ... е , овој е нешто подобар. Вели : - За 0 ден. ова, па она , па уште ова , па плус згора , а тек она , и се плус без минус ,со и без ДДВ - САМО уште 3 дена промотивно. Брц во џебот , нема. "Аш" тие 3 дена. Баш нив. Одамна во минус. На следниот поздрави ми праќа некој Тенџеревич Кенан , ко братучед да ми е , ме кани на концерт , абе лудница. САМО - 500 ден. Море САМО ... само ако ти дојдам на концертот!
Има уште билборд-лектира , ама брзам , шенгфуј ми вели , еј треба да се запишеш , потпишеш и отпишеш на работа. Ред ред , ред неред.
Така , брзајќи не си го видов најубавиот , ко по моја мерка , скроен билборд. Го испуштив главниот , тешка постмодерна графика ... супер!Од сите најубав , ко ќе го загледав , ќе видев така нешто транзициско , испокинато , раздрпано , раскинато , откинато.. болно ама мое/твое , откорнувачко , блиско. Естетика на очајот , на грдото. Толку ќе ми се допаднеше што веројатно ќе задоцнев на работа , затоа што ќе прашав дали се продава. - Не бе , ќе ми речеа, ... не е за продавање , му ја менуваме содржината.





ORIGINAL MKD