Груевски: Специјалците сами се пријавуваат да учествуваат во апсење на убијцитe

Day 1,612, 13:10 Published in North Macedonia North Macedonia by Alexander lll of Macedonia

Тимот кој е ангажиран за расветлување на убиството кај Смилковското езеро е максимално мотивиран, а мотивацијата за разрешување на ова убиство никогаш до сега не била поголема, бидејќи сите сакаат убијците да бидат изнесени пред лицето на правдата, истакна премиерот Никола Груевски вечерва на трибина во скопската општина Карпош.


Уште еднаш изразувајќи сочувство до семејствата на петмината загинати, Груевски истакна дека убијците ќе бидат најстрого казнети.

На трибината, на која учествуваа и поголем број министри, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ рече дека специјалците на МВР сами се пријавувале доколку сторителите бидат откриени тие да учествуваат во нивното апсење.

Премиерот Груевски на трибината се осврна и на клучните реформи и инвестиции што оваа Влада ги има направено, а особено укажа на фактот дека ВМРО-ДПМНЕ продолжи да го исполнува ветувањето од 2006 година, а тоа е дека барем еднаш годишно ќе остварува средба со граѓаните од сите општини.

Тој уште еднаш напомена дека филозофијата на десно-ориентираните партии е намалување на даноците, со што поголем дел од парите би останале во фирмите. Исто така, посочи дека денес сите оние кои во минатото не го плаќале данокот, сега со новите намалувања на даноците заклучиле дека казните кои треба да ги платат доколку не си ја извршат својата даночна обврска се поголеми отколку да си го платат данокот на време.

- Македонија за време на светска економска криза не дозволи да бидат намалени платите и пензиите, како што тоа го направија многу земји како во Европа така и во светот, рече Груевски, притоа истакнувајќи дека и во време на светска економска криза Владата не е обесхрабрена, туку напротив тоа и е дополнителен мотив да ги продолжат успешните политики и напорната работа.

Во однос на субвенциите за земјоделците беше посочено дека Владата оваа година издвоила 130 милиони евра.

Околу реформите во здравството Груевски рече дека оваа година се одвоени 100 милиони евра за набавка на медицински апарати, кои треба да бидат распоредени во сите градови низ државата.

Конкретно за Општината Карпош, беше издвоена болницата во Козле, за која беше речено дека од рушевини и бараки треба да прерасне во современа болница.