ПО ПОВОД 11 ОКТОМВРИ

Day 1,420, 00:40 Published in North Macedonia North Macedonia by Arsenie Vuckov

Ден на востанието на Македонија или Ден на народното востание на македонскиот народ познат и само како 11 Октомври е државен празник кој се празнува на 11 октомври во Македонија. Востанието е против фашизмот и со тоа започнува борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата на фашизмот во Втората светска војна.


Историја на настанот
Фашистичката агресија и окупацијата на Југославија во 1941 год. создаваат нови, потешки и посложени услови за југословенските народи и народности во нивната борба за национална и социјална слобода. Македонија, повторно, е поделена помеѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор. Со тоа, едно поробување се заменува со друго, потешко и помрачно.

Вооруженото востание, започнато на 11 октомври 1941 година, претставува значаен историски чин во долготрајната народно-ослободителна борба на македонскиот народ.

Држејќи се до принципите на герилското војување, припадниците на Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ (формиран во месноста Црвени Стени, близу до Прилеп), се распределуваат во три групи, го напаѓаат бугарскиот полициски участок и затворот и вршат прекин на телефонските врски и електричната инсталација.

Кумановскиот (Козјачки) партизански одред бил формиран на 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода, а Карадачкиот партизански одред во областа Менкова колиба. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени.

Активноста на овие партизански одреди е скромна, но претставува иницијална каписла за продолжување на борбата.