СТАРАТА СКОПСКА ЧАРШИЈА И БИТПАЗАР НИЗ ВРЕМЕТО!

Day 1,651, 11:56 Published in North Macedonia North Macedonia by NinoBitpazarec

Скопските пазари
Во 1928 година во Скопје постоеле пазари што биле останати од минатото. Сепак, градските власти издвоиле средства за изградба на уште два непокриени и два покриени пазари, како и на еден центар за продавање добиток - Добиточен пазар, лоциран покрај модерната кланица. Пазарната такса се наплатувала според единствена тарифа, одобрена од Министерството за финансии, а годишниот закуп чинел 750.000 динари. [1]

Скопје во периодот 1918 - 1941 година бил главен снабдувачки центар кој со својата развиена трговија и добра транзитна положба снабдувал голем број поблиски и подалечни градови и села со домашни и увозни артикли. [2]

Помеѓу двете светски војни во Скопје постоеле пазари кои се нарекувале според стоката што таму се продавала: Ат-пазар (за сено, слама, тркала и прибор за кола), Којин-пазар (за ситен добиток), Ајван-пазар (за крупен добиток), Пастрма-пазар (за суво месо - пастрма од коза и овца), Тереќе-пазар (за жито), Јаг-пазар (за масло и слично), Зарзават-пазар (за зеленчук). Покрај овие пазари постоел и Арпаџик-пазар (за ситен кромид за садење - арпаџик) кој не се мешал со другите зеленчуци, Чумлек-пазар (за сирење, урда, млеко), Тенекеџи-пазар (за продавање на лимарска стока), Лал'н-пазар (за налани и други изработки), Јемиш-пазар (за овошје), Волна-пазар (за волна и волнени изработки), Бал'к-пазар (за сува риба) и други.

На одредени места на Бит-пазар се продавале асурци (рогожи), а имало и уште Базарџан (за ситнурија), Кари-пазари или Женски пазар и слично. [3] Пазарни денови во Скопје, кога доаѓале најмногу продавачи, биле вторник и помалку во петок и понеделник. [4]



Пазариштето пред Алаџа Џамија, МГС инв. бр. 1



Дел од Бит Пазар каде што се продавале земјоделско-прехранбени продукти. На фотографијата се гледаат жени во народна носија од Скопска Црна Гора, МГС инв. бр. 2

Во разни периоди скопските пазари изгледале различно. Во 1931/32 година се забележува опаѓање на животниот стандард на населението, кога и пазарот изгледал поскромно:”... на пазарите во Скопје нема доволно квалитетен зеленчук, јајца и пилиња кои се носат од Гњилане, зелка од Куманово, кромид од Тетово, прасиња од Врање. Месото на скопскиот Пазар е од низок квалитет..” [5] Секако дека овие зборови се само една епизода од животот во Скопје, бидејќи имало и подобри времиња и побогати пазари за кои пишувале голем број посетители, гости или патеписци во минатото.

Пазар во Скопје каде што се продавале разновидни производи. На фотографијата се гледаат грнчарски производи, МГС вл.бр 3



Дел од Старата чаршија во пазарен ден, МГС инв. бр. 4



На левата страна на р. Вардар во Скопје имало три пазари и тоа: големиот Добиточен пазар во Чаир, Бит-пазар и пазарот кај Валијата (кај денешната црква Св. Спас). На десната страна на р. Вардар бил лоциран пазарот кај Артилериската работилница. Најзначаен меѓу нив сепак бил Бит-пазар -вошлив пазар кој по укинувањето на пазарот кај Валијата, станал уште позначаен.



Животот во старата скопска чаршија за време на 19 век



Кон крајот на XVIII и во почетокот на XIX век централаната власт во Истамбул е присилена да превземе низа ефикасни мерки за надминување на хаотичната ситуација во државата. Султан Махмуд II во 1814 година им дозволува на христијаните да градат цркви, во 1828 година ја укинува јаничарската војска и го ограничува крџалиството, а со Гилханскиот хатишериф во Царството се воведува рамноправност на сите жители пред законите, слободата на верата и совеста и гаранции на животот на имотите на сите.
Овие промени создаваат подобри услови и за "заживување", пред се на економски план, на дотогаш "заспаното" Скопје и на неговата чаршија. Власта, согледувајќи ја потребата од развиено занаетчиско производство, донесува повеќе законски мерки за заштита на занаетчиството и на правата на занаетчиите, што придонесува за развој на Скопската чаршија.



На просторот на Чаршијатазапочнува изградба на нови комплекси со поголеми продавници и дуќани, која се одвива " со замена на руинираните стари објекти и со изградба на празните простори ". Кон средината на минатиот век во Чаршијата започнува пробивот на новата архитектура, се појавуваат неокласични и други модерни облици, со што таа, како и градот во целина, полека започнува да го губи својот ориентален облик.
Така, веќе кон крајот на минатиот век и во почетокот на овој век во Чаршијата, покрај поголем број објекти изградени во стилот на македонската архитектонска школа, се повеќе се забележани објекти " со архитектонски облици на електицизмот, барокот и други импровозирани стилски форми ", со што Чаршијата прима современ карактер.
Територијата на Чаршијата, од Даут-пашиниот амам до Бит-пазар, наскоро ќе биде изградена исклучиво од дуќани, големи анови и атрактивни амами, а низ нејзините улици се забележуваат трговци и патници од далечни земји.Чаршијата, благодарение на прераснувањето на градот во релативно голем потрошувачки центар, како и на економското засилување на македонските занаетчии и трговци, станува не само "развиен и активен општествен, економски и комерцијален центар на градот", туку и голем занаетчиско - трговски центар во овој дел на Балканот.
Скопските трговци се повеќе ги развиваат своите врски со Средна Европа и со Русија, носејќи преработени кожи и кожи од дивеч во Лајпциг, Виена, Киев, Одеса и во други градови. Стојан Новаковиќ, Старата скопска чаршија ја опишува како "склоп тесни и криви улички со многу трговско-занаетчиски продавници и дуќани. Улиците биле покриени со штици, а дуќаните со ќепенци... Чаршијата е долга и има повеќе напречни улици, исто така покриени..."



Уште поголем импулс на натамошниот развој на Скопје и на Чаршијата им дава изградбата на железничката пруга Солун - Скопје ви 1873 година, која во 1888 година ќе биде поврзана со Ниш и со Белград и натаму со Европа. Градот прераснува во еден од најважните сообраќајни јазли на Балканот, што непосредно влијае врз неговиот забрзан стопански развој, преку пробивот на мануфактурното производство, како зачеток на капиталистичкиот општествен систем. Во градот веќе во втората половина на минатиот век ќе бодат отворени повеќе мануфактурни работилници, меѓу кои и ткајачниците на платно на Кочко Х. Бошков и Димче Х.Зафиров, кои ќе одиграат голема улога во натамошниот развој на градот.
Во Чаршијата, пак, според записите и кажувањата на голем број современици на XIX век, успешно работеле меѓу 50 и 90 разни видови занаети, организирани во силни еснафски организации и реонизирани во сопствени чаршии во рамките на единствената Скопска чаршија, што придонесува Скопје кон крајот на минатиот и почетокот на овој век да претставува значаен стопански, односно занаетчиско - трговски центар не само во овој дел на Балканскиот Полуостров, туку и пошироко во рамките на турската империја, која се наоѓа пред изумирање. Не случајно, Виктор Рерар во 1896 година истакнува: "Големите азиски пазари, оној во Бурса, Алеп или Дамаск, во споредба со скопскиот, претставуваат само бледи и банални турски знаменистости".
Покрај тоа, Скопје кон почетокот на XIX век прераснува во значаен сообраќаен центар во овој дел на Балканот,благодарение на Наполеон Бонапарта кој, поради економската блокада во Европа, е присилен да бара нови патишта и земји со кои ќе тргува и од кои ќе се снабдува. Наоѓајќи нови трговски партнери во земјите од Среден Исток, тој открива дека преку "Скопје е најлесниот и најцелисходен пат до нив". Така, набргу бескрајни карвани, натоварени со најразлични стоки, ќе почнат да минуваат по патот што водел од Блискиот Исток, преку Струмица, Велес и Скопје, до Европа. Оваа копнена врска, позната во историјата како "Бел пат" - наречена по памукот што бил пренесуван од Блискиот Исток за потребите на Француското царство, и покрај нејзиниот краток век, исто така, ќе придонесе за забрзан развој на стопанскиот живот во Скопје, кој ќе биде изразен преку вистински занаетчиски "бум".

Сето тоа доведува Скопје, по речиси стогодишниот тежок застој, да почне да се менува од мал и нечист град со околу 5.000 жители и со неразвиена чаршија во значајно место, кое веќе во 1812 година станува седиште на францускиот конзул.

Македонските занаетчии и трговци во најголема мера го помагаат и обновувањето и изградбата на цркви во градот. Во и во околината на Чаршијата во минатиот век ќе бидат обновени или изградени: соборната црква Света Богородица(1835) и црквите Свети Спас и Свети Димитрија. Еврејското население, пак, ја обновува синагогата Бен Јаков.
Со доселувањето нови жители во градот се создаваат и услови за негов натамошен просторен развој, првенствено јужно од реката Вардар, каде што започнува да се развива нов реон населен со Македонци. Со тоа градот ја губи " компактната и кохерентна форма и добива дисхармоничен, недовршен изглед со примеси на ориентални и модерни вредности".
Економското засилување на македонското население доведува до започнување на процесот на спонтан урбан развој и до осамостојување на македонското градителство, преку формирање на автономната и оригинална македонска архитектонска школа, која носи корени директно од класичната елинистичка култура и претставува збогатена варијанта на повеќестепената синтеза на византиската, грчката - профана и малоазиската архитектонска школа. Нејзините вредности во Скопје ќе дојдат до посебен израз во промовирањето на " македонската куќа ", како нов и оригинален архитектонски тип стамбени објекти.
Наскоро во новите реони на градот, но и во старото градско јадро ќе бидат изградени голем број куќи од овој тип, кои придонесуваат за постепено коренито менување на дотогаш ориентален изглед на градот.

Бит-пазар

Скопското пазариште Бит-пазар се наоѓа на влезот во чаршијата од нејзината северна страна, крај некогашната главна северна порта. Местото на коешто се простира пазариштето се наоѓало во средновековен Доленград и е точно она на кое се наоѓала манастирската ливада, на која во 11. век, манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“ го организирал својот панаѓур на празникот Воведување во Храмот на Пресвета Богородица секоја година, а подоцна и неделни панаѓури во петок и вторник. Во текот на средниот век, пазаришниот простор се наоѓал надвор од бедемите на Доленград, т.е. во непосредна близина на северната порта, која водела на т.н. „Царски пат“. Но, во првите векови од отоманското владеење, бедемите биле срушени и останале само дуќаните од внатрешноста на Доленград, кои денес ја сочинуваат граничната линија на почетокот на чаршијата во правец север-југ. Денес, е задржана традицијата на пазарување во петок и во вторник, но поради зголемените потреби на населението, пазарот работи секој ден.[94]
Просторот на кој се наоѓа пазариштето е ограден и во неговата внатрешност се наоѓаат тезги и привремени дуќани. Како и во средниот век, и денес не е дозволена изградбата на трајни објекти, туку само изнајмување под наем на простор за тргување.[94]

Саат-кула


Поглед на Саат-кулата
Скопската саат-кула се наоѓа во непосредна близина на Султан-муратовата џамија, односно во северниот дел од дворот на џамијата. Според сознанијата, кулата била изградена во периодот од 1566 до 1572 година, а часовникот бил донесен од освоениот унгарски град Сигет.[106] Нејзиниот долен ѕидан дел, всушност, е остаток од една од четирите кули во составот на бедемите кои го заштитувале манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“. Инаку, таа е и првата саат-кула подигната на територијата на Отоманската Империја.[107] За изгледот и намената на кулата, најмногу сведочат записите на познатите патеписци. Така, францускиот патеписец Филип Дифрен-Кане забележал дека:
„во Скопје има часовник што се слуша во целиот град, а часовите ги отчукува на француски начин.“[108]
Според Хаџи Калфа, пак, оваа саат-кула била најголема меѓу сите кули на христијаните, а часовникот ги отчукувал часовите и дење и ноќе, при што ѕвонењето се слушало на „два часа далечина“.[108] Во палежот на градот и големиот пожар од 1689 г., кулата претрпела голема штета, но сепак останала во првобитниот облим сè до 1904 година, кога по наредба на валијата Хафиз-паша била преуредена и го добила денешниот облик. За време на земјотресот во 1963 г., на саат-кулата ѝ биле нанесени големи штети и притоа бил изгубен часовниот механизам. Подоцна, градбата на саат-кулата била обновена, но без нејзиниот часовен механизам.[107] Новите часовници на кулата беа додадени на 26 мај 2008 година, во рамките на проектот на Општина Чаир за нејзина реконструкција.[109]
Од записите на Евлија Челебија и Хаџи Калфа се согледува дека градбата на саат-кулата во својот првобитен облик била со шестоаголна основа, чиј горен дел бил изграден од дрвена конструкција. По нејзиното преуредување во 1904 година, дрвената конструкција била заменета, по што градбата била целосно изгардена од тули.[107] Од дното до врвот на кулата, каде што се поставени часовниците, водат 105 скали



Обавезно Претплати се!!!