Најинтересните Македонски суеверија

Day 1,644, 02:35 Published in North Macedonia North Macedonia by toAdMAK

Дали сте суеверни? Ако не сте сигурни, набрзина ќе направиме мал тест. Што правите кога ќе видите црна мачка, оџачар или кога календарот ќе ве соочи со петок, ама 13-ти? Ако се замисливте или барем се насмеавте, многу веројатно е дека сте суеверни. Иако на суеверијата второто име им е „бабини деветини“, што треба да се однесува на нешто застарено и заборавено, некои навики и верувања се пренесуваат од генерации на генерации и изгледа дека се тука за да останат. Еве некои од најинтересните и најчесто сретнувани македонски суеверија:

Потковица
Се верува дека закачена потковица на влезната врата од домот го штити семејството и носи среќа. Но, доколку се одлучите за ваков чувар на среќата, внимавајте на нејзината положба. Имено, потковицата мора да биде поставена со отворениот дел нагоре за да ја „собира“ среќата. Во спротивно, се постигнува обратен ефект.

Детелина со четири листа
Во природата, многу потешко и поретко се наоѓа детелина со четири листа, па веројатно затоа оваа несекојдневна тревка се смета за носител на среќа.

Црна мачка
Спротивно на претходните две, црната мачка е симбол на несреќа. Уште од времето кога видовитите жени ги убивале и ги прогласувале за вештерки, ова „мрачно“ животинче им ги пренасочува патиштата на сите суеверни луѓе. Се знае, ако видиш црна мачка се враќаш неколку чекори наназад или, уште подобро, тргнуваш по сосем друг пат. За да не чуе злото.

Оџачар
Ова ми е едно од најинтересните суеверија кај нас. Доколку видите оџачар, ќе имате среќа. Но, тоа не е сè! Веднаш откога ќе го видите, фатете се за копче од вашата облека и во истиот момент замислите желба – ќе ви се оствари! Дилемата на крајот останува – кој ја исполнува желбата: оџачарот или вие самите?

Петок 13-ти
Точното потекло на ова суеверие не е познато. Поврзано е со неколку немили историски случувања што се одвивале токму на петок 13-ти и се задржало до ден-денес. Колку и да не сте суеверни, токму на тој петок имате оправдание и објаснување за преполниот паркинг, огромниот метеж во сообраќајот, лошото расположение...

Скршено огледало
Нема некој што не ја познава разорната моќ на скршеното огледало. Велат дека носи несреќа цели седум години, ни повеќе ни помалку. Затоа, внимателно со огледалата.

Паричка
Сигурно уште во раното детство сте пронашле паричка и ви кажале дека носи среќа. Неважно дали е монета или банкнота, за двете важи истото. А мене и сега ми измамува насмевка секоја пронајдена паричка.

Чукни во дрво
Кога некој ќе спомене негативен исход од некоја наредна ситуација, треба да чукнете во дрво и тоа три пати за да го истерате злото. Најновиот изум на една британска компанија говори дека ова суеверие е глобално раширено, но и сè уште актуелно. Тие продаваат парчиња од дрво што можете да ги залепите на паричникот, на воланот или дури и на мобилниот телефон, за ако, не дај боже, се најдете во ситуација да треба да чукнете во дрво, а дрво никаде нема.