ОТКРИЕНА ТАЈНАТА НА БУКУРЕШКИОТ ДОГОВОР-продолжение

Day 1,633, 05:49 Published in North Macedonia Romania by Vlatko Andonovski

На 1 март 1913 година, претставниците на македонската колонија во Петроград, Георги Константиновиќ, Димитрија Чуповски, Наце Димов и Александар Везенков потпишале "Меморандум за независност на Македонија" и им го предале на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Едвард Греј, како и на амбасадорите на големите сили во Лондон.
Димитрија Чуповски изработил и карта на Македонија, со сите специфичности кои аргументирано ги докажувале посебноста и причините за самостојност на Македонија. Меѓутоа, поради сопствените интереси и во отсуство на секое чувство за реалност и за македонскиот народ, големите сили оставиле судбината на Македонија да ја решат завојуваните балкански држави.

Балканските војни се подготвувале и се воделе за поделба на Македонија.
Во период од неполни две години, колку што траеле, официјално биле извршени три поделби на Македонија.
Првата поделба била извршена со Српско-бугарската спогодба од 13 март 1912 година по линијата Деве Баир- Охрид (без оглед на тоа што била ограничена да трае до 1920 година),
втората е по завршувањето на Првата балканска војна, во која границите се поклопувале со достигнатата линија на фронтот, и
третата е извршена со Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година, кога дефинитивно биле одредени границите меѓу Србија, Бугарија, Грција и Албанија на територијата на Македонија.

Единствениот принцип врз кој се одредувале и се поставувале границите било правото на посилниот, односно оружјето.
Со таа поделба, македонскиот народ ја доживеал најголемата измама и ја изгубил довербата во своите соседи, што имало негативни последици во Првата и во Втората светска војна.

***************************************
На 5 август 1913 година, американскиот пратеник во Букурешт, Џексон, ја прочитал Нотата на американската Влада во која се истакнува:
"Владата на САД става до знаење дека во секоја конвенција која би била заклучена во Букурешт, со задоволство би сакала да ја види одредбата за целосна граѓанска и верска слобода на населението на секоја област, која би потпаднала под суверенитет на која и да било од петте сили или која би поминала од јурисдикција на една под јурисдикција на друга сила".

Мајореску веднаш ја прифатил оваа Нота и таа се спроведувала во однос на влашкото население во Вардарскиот дел на Македонија.
Меѓутоа, на предлог на грчкиот претседател Венизелос, Нотата не влегла во мировниот договор, па и на тој начин македонското население било обесправено.

Македонското прашање не само што не е решено со Букурешкиот договор, туку е ставено во форма на забрана на негово потенцирање, па затоа и почнало асимилирањето, денационализацијата и егзодусот на македонското население, особено на она во Егејскиот дел на Македонија, сè со цел да му се уништи коренот и да му се изгуби името.
Тоа го докажуваат промените на топонимите и доселувањето население со поинаков етнички и верски карактер.
Истражувањето на архивската документација сигурно нема да ја обедини Македонија, да ги избрише букурешките граници, но со сигурност може да се тврди дека вистината за Македонија ќе продре низ цел свет, а тоа овозможува враќање на достоинството на македонскиот човек, интензивирање на борбата за интегрирање во Европа.
Колку што ми е познато, не постои додаток на Букурешкиот договор со ограничен период, но има многубројни податоци дека тој не е валиден, како што е неговото непотпишување од Австро-Унгарија, или одземањето на имотот на Македонците и негово давање на друго население.
Правото на имот трае вечно, без оглед на тоа што Букурешкиот договор е апсолвиран, сепак наследното право е дел од меѓународното право и затоа тој треба да се истражи во целост.


Влијанието на масонската организација се забележува во многу сегменти, особено во конечните одлуки на Букурешкиот договор.
Најсилно влијаела Великата француска ложа, во чиј состав дејствувале српската и бугарската ложа, а нивни главни членови биле Александар Караѓорѓевиќ, Никола Пашиќ и речиси сите министри во Пашиќевата Влада, односно Александар Цанков, Мидилев и др., како и одредени раководители на ВМРО - Александар Протогеров, Кирил Прличев и др.

Секако, масонските ложи имале влијание врз поделбата на поранешните османлиски територии на Балканскиот Полуостров.
Тоа се докажува со фактот дека во војната Бугарија била тотално поразена, но и како таква добила голем дел од османлиската територија.
Во Великата англиска ложа имало членови на грчката Влада.
*******************************************************
Професор д-р Ванче Стојчев завршил Воена академија, Факултет за одбрана, магистрирал на Факултетот за политички науки, насока Современа историја во Белград, каде и докторирал во 1992 година.
Бил професор на Воената академија "Генерал Михајло Апостолски" по предметите Воена историја, Методологија на научно-истражувачката работа и Еволуција на војувањето.
Полковникот во пензија Стојчев се занимава со истражувањето во областа на воената историја на македонскиот народ.
Благодарение на овој негов ангажман Македонија има можност прв пат детаљно да слушне за нејзиното распарчување, документирано со факсимили од Букурешкиот договор, меѓу кои и оној кој е на грчки јазик.

извор: http://my.opera.com/macedoniancivilization/blog/show.dml/3287579