За мештаните и „варварите“

Day 1,631, 18:11 Published in North Macedonia North Macedonia by Patriotche


Годината е 611. Пред ѕидините на Солун, град на преостанатото Римско царство, (многу) подоцна наречено Византиско, се наоѓа цело племе варвари. Тука се цели семејства, жени, деца, багаж и покуќнина, кои сакаат да се населат тука кога ќе падне градот. Имено, Римјаните, т.е. овдешните Ромеи, беа зафатени со внатрешни политички немири и борби на исток, нешто што варварите го искористија за своите злобни намери. Веќе ограбија и срушија многу цивилизирани градови, меѓу кои и Сирмијум и Сингидунум, поради што населението мораше да бега по царството. Солун еднаш веќе беше под опсада, и тоа само пред триесет години.

Арамилакот на овие натрапници и дивјаци му бил добро познат на локалното население – целиот претходен век тие упаѓале, убивале, краделе и го тероризирале ромејскиот живот на Балканот. Преминувајќи го Дунав, тие избегнувале отворена борба, а се користеле со разни подли лукавства. Секое преговарање со нив било неуспешно – а им нуделе цели градови (по перифериите на царството) во замена за нивното какво-такво доведување во ред и поредок. Меѓутоа, варварите биле непоправливи – претпочитале грабеж и ги задржувале својот дивјачки начин на живот и своите чудни богови. Во походите со себе ја носеле целата фамилија, подигнувајќи привремени населби по царството, било каде ќе им се посакало. Најмногу ги сакале големите градови, бидејќи таму имало што да се украде.

За среќа, нападот бил неуспешен, Солун не паднал, а цивилизацијата привремено била зачувана. А како биле наречени овие варвари желни за талкање и грабеж? Едноставно – Словени.



Сагата за Римјаните и варварите, цивилизираните и дивјаците, претставува општо место на политичката пишана историја. Т.е. онаа историја која со расистичност сака да ги мотивира луѓето на политички водена акција, а која обично подразбира некакво војување. Но, таа ги карактеризира и модерните политички случувања, како неодамнешниот обид за населување на Ромите во извесен српски Ресник. И ја покажува сета неподнослива леснотија со која некој друг се прогласува за див, неразумен, варварски и опасен. И тогаш настанува главниот судир помеѓу едните, наводно цивилизирани, кои „дивјаците“ ги населуваат во контејнери на „само“ еден километар од населеното место и другите, таканаречени мештани, кои најверојатно „дивјаците“ би ги одвоиле во кампови, некаде далеку и заградено.

Во сета гужва ретко кој обрнува внимание на луѓето за кои навистина се работи – на безимените лумпенпролетери со нешто потемна боја на кожа кои живеат најтешко од сите. Луѓе надвор од историјата, на кои ние сами им ја негираме човечноста. И секако, тогаш врз основа на нашата сопствена мозочна болест се организира дежурен и милитарен бранител на здравјето на нацијата и чистотата на крвните зрнца, тренеркаши кои во својот бес и зло се чувствуваат повикани и силни.



И нашите татковци некаде некогаш за некој „цивилизиран“ биле дивјаци. Дали поради нив би се бореле за целосна интеграција на словенското малцинство во рамките на Византиското царство, без дискриминација и без асимилација? Или, непоправливи какви што ги дал Перун, би ги одвојувале од своето таканаречено пристојно, уредено и цивилизирано општество? Суштината на оваа ментална вежба е одговор на следното прашање – како ќе нè памети историјата? Какви мештани, а какви граѓани сме ние? И дали сфаќаме што е тоа град – простор и форма на човечка организација по дефиниција отворена за сите.

Имено, формата на здружување која ги создаде цивилизацијата и цивилизираноста, се создала на темелите на отвореноста и прифаќањето. Странци, дивјаци, обоени, гладни, жедни, различни. Додека не го сфатиме ова, ќе бидеме само мештани, но не и граѓани: Ресник, Бања Ковињача, Лесковац, Нови Сад, Белград, Загреб, Лондон или Токио, сеедно. А социолозите и социјалните психолози ќе нè тормозат со прашања за спремноста за стапување во брак, спријателување или соживот со Ромите, Албанците, хомосексуалците, Индијанците и останатите „дивјаци“.

Но, големата лекција за тоа прашање може да ни ја понуди историјата. Со какви очи ние, сегашните миленици на историјата, ги гледаме денешните копилиња на животната учителка? Часовите по историја, очигледно, сме ги преспале, а лекцијата не ја научивме. Та пак ќе мораме да откриваме што и како ќе правиме кога некои други мештани нема да нè сакаат во своето (не)цивилизирано друштво.

Алексеј Кишјухас