Првомајска

Day 1,624, 16:32 Published in North Macedonia North Macedonia by Patriotche


Утре е Меѓународниот ден на трудот, празник за кој би можела да кажам дека за мене лично и за моето семејство е традиционален, исто како што за некои мои блиски тоа е Велигден. Не ја „купувам“ онаа приказна дека некогаш било опасно да се биде верник и дека тие биле прогонувани за време на „комунизмот“. Свежи се детските спомени за прославата на Велигден во домот на мојот чичко (некогашен партизан) и за црвеното јајце со кое весела заминував дома. Ние ги дочекувавме роднините и пријателите за Први мај. Иако пораснав во атеистички дух, во личната библиотека на татко ми (работник во печатницата на „Нова Македонија“) една до друга стоеја Библијата и Коранот, веднаш до Ниче и Хегел.
Кога помислувам на денешната лицемерна толеранција што ја прикрива поделеноста по сите основи, ми навираат стиховите од „Севдалинката“ на Балашевиќ: „Дали тоа навистина беа подобри времиња или ние бевме подобри луѓе? Некогаш се збратимувавме само со поглед, насетувајќи дека исто сонуваме, а на Бога му беше сеедно дали се крстиме или поклонуваме“. Голем број новородени демократи не умеат да одговорат зошто денес, во време на (наводна) слобода стана толку важно дали се крстиме или се поклонуваме. Најлошо минуваат тие што не го прават ни едното ни другото. Македонија, како впрочем и другите земји во регионот, декларативно е толерантно општество: се толерираат (ако веќе заемно не се почитуваат и познаваат) различните вери, етницитети, па и идеолошко-партиски ориентации, но како туѓо тело ги отфрлаат оние што себеси се дефинираат само како луѓе, кои одбиваат постојано да ја декларираат верската, националната или партиската припадност. Би била побезбедна доколку се дефинирав како верник, Македонка и поддржувач на некоја партиска опција (па тамам и на најомразена опозициска страна). Но по сопствен избор одбивам да ги прифатам колективните „светињи“, за кои мнозина се подготвени и да проколнуваат и да убиваат. Ќе бидам задоволна ако сум станала човек во вистинска смисла на зборот, за што се трудам, а сѐ уште не знам дали сосема сум се доближила до идеалот. Тоа го чинам без трошка страв од божја казна; не верувам во сеприсутноста на Бога, кој би ме надгледувал и судел, па макар на крајот и простувал. Поголем е стравот од сопствената совест, од која не може да се побегне, освен ако таа не се успие, но тука е и судот на моите деца, студенти или (не)пријатели. Ќе ја затворам оваа тема, отворена неодамна со серија колумни и јавни анатеми, со едно потсетување: Македонија е секуларна држава, што значи дека верата е во сферата на личното/интимното, а не јавното! Слободата на вероисповедта не значи само слобода на избор на верските убедувања; таа го вклучува и правото да не се верува, а притоа да не се биде ниту стигматизиран поради тоа, ниту дискриминиран. Уште помалку да се биде „дијагностициран“ од фарисеи што со една рака се крстат, а со друга повикуваат на насилство против неверниците (среде плоштад)...

Да се вратам на утрешниот „празник“... Наводниците доволно зборуваат за моето разочарување при споменувањето на овој ден, како впрочем и на Денот на жената. Чуму лицемерство? Од традиционални причини? Се обложувам дека 90 отсто од граѓаните не знаат или заборавиле зошто токму овој ден се одбележува како Меѓународен ден на трудот. Во време во кое оној што успева со труд се смета за будалетинка, а работниците се слој во изумирање, нема што да се прославува. Сите придобивки на меѓународното работничко движење, стекнати низ долги битки и страдања, но и работничка солидарност, се топат како снег под пролетното сонце. Оние што нема да се удомат во партизираната државна администрација (државата е мајка-хранителка), остануваат препуштени на „невидливата рака“ на пазарот. Во потрага по странски инвестиции, политичарите (десничари или левичари, сеедно) се однесуваат како макроа, кога ја рекламираат земјата поради најевтината работна сила, а замижуваат пред кршењето на елементарните работнички права, како право на одмор или пристојни работни услови. Наводната идеолошка битка се води околу трошките, минималната плата, но без да се доведат во прашање фундаментите на системот што почива врз и создава социјална неправда, експлоатација во полза на профитот, неправична дистрибуција на националното богатство. Капитализмот ја „изеде“ демократијата уште пред таа и да фати корен и ја лиши од нејзината социјална суштина, промовирајќи ја нејзината изборна димензија. Социоекономските човекови права се мртво слово во Уставот. И гениј како Маркс тешко би се снашол во овој бизарен контекст во кој граѓанството го потисна работништвото и во кој нема ни знак од социјален антагонизам. Под превез на (наводно) обединување околу глобалната религија на неолиберализмот (плус НАТО и ЕУ), не остана место за социјална расправа, која е потисната во очекување на остварувањето на стратегиските цели на државата. Власта без никаков проблем ги редуцира работничките права, па оној виц во кој кротките работници прашуваат дали сами да си донесат јамки за бесење или тие ќе им бидат дадени од газдите е чиста вистина. Работниците беа „мавтосувани“ и од црвената буржоазија со една друга идеологија која тврдеше дека тие се на власт, ама оваа плуралистичка сцена сосема им го избриша и сеќавањето за некакво достоинство, солидарност и борбеност. Денес е недостоинствено и да се биде „обичен работник“, па затоа сите сакаат диплома, по можност магистерска или докторска. Самите стечајци и невработени отворено велат дека се „кучиња што ја лижат раката на секој што ќе им потфрли корка сува леб“ или кој ќе им вети дека кога ќе дојде на власт ќе ја гарантира корката. Синдикати? А што беа тоа синдикати? Во услови на хронична безработица, страв и зависност, сите се „привремено вработени“ (додека слушаат) или се вистински невработени. Токму деновиве власта изврши ребаланс на буџетот во кој се крати од социјални сектори, здравство и образование, а притоа воспева жални врби вредни стотици илјади евра, но никој нема ни да писне. Весниците се преполни со скараџиски совети, а утрешните ТВ-прилози ќе бидат од посети на „излетнички места“ каде што ќе се „релаксираат“ граѓаните, кои ќе ги слават одамна загубените работничките права.
Анестезирани со националистичка идеологија и со погледи свртени нагоре (кон бога, лидерот, моќните), работниците престанаа да се гледаат едни со други како соборци (освен кога ќе се степаат за корката леб). Уште помалку умеат да се препознаат преку државните граници, дури ни на Први мај. „Франкфуртер Рундшау“ пишува за новиот бауч што кружи над Европа: стравот од армијата осиромашени и невработени, преку чии барања треперат елитите, берзите и корпорациите. Што ако ја откажат послушноста? Што ако го оспорат легитимитетот на досегашната социјална дистрибуција и правото да се биде богат, со берзански шпекулации или по цена на експлоатација на туѓ труд, понекогаш и детски? За жал, вистинска левица нема. Неодамнешниот Манифест за европска социјалистичка алтернатива (производ на социјалистите од Европскиот парламент) не беше ни нотиран. Искрено, не ни заслужува внимание: Ханес Свобода и компанија се еднакво безидејни како и нивните балкански идеолошки браќа. Тие би сакале да мрднат лево, ама не премногу, би сакале да ја променат корпоративната Европа (заглавена во криза) ама не радикално. Всушност и тие, како и десницата, сакаат власт и функционален неолиберализам, приватизација и послушни работници. Но движењето „Окупирај“ утрешниот ден го прогласи за свој. Ако имаме среќа, некој медиум ќе јави за тоа. Но во нашата провинцијална свест и околина, тие бранови едвај допираат. Во барата главен настан се внатрешнопартиски бранувања. Жално и симболично, но како што во музеј го претстави со восочна фигура на мртовец, оваа земја ја заборави живата реч на поетот кому цел свет братски му беше и кој го знаеше она што денешните работници не го знаат, дека „не сме саде ние, не сме саде тука, ние сме по цел свет, безбројни милиони“.

Билјана Ванковска