Дајте музика!

Day 1,601, 04:16 Published in North Macedonia North Macedonia by Patriotche


И така вчера, нова вечер осамна во земја Македонија. Новата вечер донесе ладно време, ситен дожд и шпекулации за тоа кои ќе бидат наредни гости на годинашниот ПивоФест во Прилеп. Со оглед на тоа што информациите беа објавени на неофицијалната страна на facebook од ПивоФест ќе ја земиме точноста на овие податоци со мала доза на резерва и голема доза на разочараност.



Да почнеме. Информациите во дневниот весник Вечер кажуваат дека најверојатни учесници на овај ПивоФест во Прилеп ќе бидат Лепа Брена, Жељко Јоксимовиќ и Аца Лукас. Ова било утврдено откако била спроведена анкета на населението од град Прилеп. И цитирам: „Ваквите информации се уште не се потврдени, но блиски луѓе на прилепскиот градоначалник откриваат дека тој веќе им се пофалил оти и овојпат ќе биде жешко на сцената“.

Што се подразбира под тоа „ќе биде жешко на сцената“? Посекако ќе биде жешко, ПивоФест е во август. Но, да не ситничариме, веројатно се мисли дека избраните пејачи ќе привлечат бројна публика. Што следи од ова? Следи дека мнозинството од посетителите преферираат музика од Лепа Брена, Жељко и Лукас.

Лепа Брена е поп-фолк пејачка и моментално има 52 год.. Била идол на нашите родители пред 30 год. Малку фосилски звучи, нели? Жељко е поп пејач кој прави музика со приближно ист квалитет како и нашата поп естрада. А по тој повод имам кажано дека песната „Боби баш ми е гајле“ има повеќе содржина од сите македонски поп-песни заедно, кои излегле на сцената од 2000та год. па наваму.

Што не носи до Аца Лукас, турбо-фолк пејач. Еден мој добар другар Игор Јорданоски, правеше матурски проект на тема „Шундот во македонската музика“. Долго време ја истражуваше оваа тематика па затоа ќе цитирам некои негови реченици кои се прифатливи за шундот не само во македонската музика туку и во балканската, конкретно – српската.

Цитирам: „Терминот шунд потекнува од германскиот јазик со значење нешто безвредно. Кога станува збор за музиката, шундот ги опфаќа музичките дела со уметнички претензии, но многу ниска музичка и уметничка вредност и достапност до голем број луѓе. Има неколку дефиниции за шундот кои го опишуваат како лоша појава, како производ чија единствена цел е да се продаде или пак како појава која е дел од масовната култура, но се наоѓа на најниско вредносно ниво. Основна причина за неговата присутност е неразвиениот вкус и извесните потреби на луѓето кои се на граница меѓу вредносна и морална неприфатливост“. Уште една карактеристика на шундот, вели тој, е тоа дека е создаван од композитори кои не го познаваат нотното писмо. Тие се музички и нотно неписмени. Поседуваат музички слух, но немаат музичко образование. Немаат развиено естетско чувство во доволна мера. Тие компонираат песни со едноставна мелодиска линија (најчесто дводелни – строфа, рефрен). А ако ги разгледаме песните од овај пејач ќе забележеме баш вакви стихови – едноставни! Овие 3ца пејачи се комерцијални пејачи. Донесени да повлечат многу луѓе, да се заработат пари, наместо да им се понуди на народот добра музичка наобразба.



Само да резимирам. Што е со нас? Што е со младите кои не слушаат ваква музика? Што е со постарите кои имаат различен вкус од масата? Некои би рекле – демократија, мнозинството одлучува. Но што е демократијата освен насилство на мнозинството над малцинството? Со оглед на тоа што странските рок, панк-рок и сл. бендови се скапи да се донесат во Македонија зошто не донесиме добри бендови од Балканот? Кирил Џајковски, S.A.R.S., Dubioza Kolektiv, Hladno Pivo, Bei the fish се само дел од групите кои ги слуша малцинството во Прилеп па и во Македонија. Зарем и ние не заслужуваме да слушаме музика по наш терк? За крај, два едноставни, но силни и добро познати збора. Дајте музика!!!

П.С. Еве го линкот каде што можете да го симнете проектот „Шундот во македонската музика“ од Игор Јорданоски. Топло ви го препорачувам на сите.
http://www.sendspace.com/file/ervdut

Даниел Матракоски