Одбиј да бидеш „исполнителен“

Day 1,597, 12:37 Published in North Macedonia North Macedonia by Patriotche


Откако ги оттргна од летаргија и заспаните утра, и ги повика „да се осмелат“, Владата почна да ги подучува младите да не прифаќаат „работа на црно“. Да не се залетуваат со желбите и идеите за работа, па да останат прелажани... Беше тоа уште една двојна порака за грижата кон младите која предизвика бура од цинични реакции во јавноста кон оние од кои со нетрпение се очекува токму спротивното, да обезбедат услови за вработување на младите, па дури потоа да се заинтересираат, ги знаат ли тие своите работнички права?

А младите, оние од пред камерите, подготвено повторуваа што „научиле“, дека „првин ќе побарале договор од работодавачот, па ќе погледнеле што пишува во него, потоа ќе виделе дали се пријавени, и дури кога ќе се увереле дека се почитува законот, ќе се фателе за работа“. Така кажаа младите, така зборуваше и Министерот, а сите други кимаа со главите, додека новинарите бележеа и фотографираа. Сите до еден, чисти примероци на „моделот на успешност“ на човекот на денешнината, во Македонија. Моделот на перспективниот и надежен „човек-папагал“ кој, ете, со сопствените сили и квалитети може да стаса и до врвните позиции на власта, се разбира, со нејзина помош. И тоа само затоа што го исполнил главниот предуслов – да биде одгледан и воспитан на врвните вредности: „исполнителност“, „работливост“, „послушност“ и „скромност“. Никогаш не му пречело, а можеби и не забележал дека сè што се добива од почитувањето на овие „вредности“ е: сервилноста, ограниченоста, несамостојноста и некритичноста, и што со ваквиот багаж никаде не се стасува, освен во светот на илузиите, и тоа повторно на оној другиот, зошто нему и тие му се одземени.

Но тој затоа МОЖЕ и со нетрпение го чека моментот на сопствените пет минути, кога конечно и во неговиот живот ќе се појави „некој помал“, оној од кого ќе се наплати долгот за лојалноста без граници. Сеедно е дали тоа ќе се случи во семејството, меѓу пријателите, на улица, или на работното место – важно е што сега другиот ќе треба да биде истото тоа – вреден и исполнителен – што се очекуваше од него. И тоа, се разбира, како и сè друго, има своја цена. Ако не може со арно, ќе се пристапи и поинаку, ако треба и со мали притисоци, понекое застрашување, и казна, а тука, во разнообразието на идеи, на послушникот и доброчинителот во исто време, зошто тој слуша, ама прави и добро, му нема рамен. Тој единствено тоа и го знае, оттаму и целата таа полетност и радост кога е исполнителен.



Но, кога власта почива и негува такви „персони“, со готови агедни за исполнителност, со дефинирани улоги и прецизни рокови, не можеме да останеме само на констатацијата за нејзиното бесчувствително лицемерие. Контрадикторните пораки кои секојдневно им се сервираат на младите од највисоките позиции на власта, обидувајќи се од нив да направат исти такви примероци, по сопствен терк и (зло)употреба, излегуваат од рамките на простото лицемерие. Уверувањето дека сè што се кажува или прави го покажува единствениот пат по кој треба да се оди, е толку доследно искривувано, што обичниот човек, без какво било искуство на одлучување и учество, пред таквата автентична чудовишност, едноставно занемува. И сосема е реално, ако се каже дека тој ниту има аргументи против ниту умеел да развие стратегија за успешна самозаштита од узурпаторот на неговиот животен простор.

Но, уште е поопасно, ако поради сопствената неподготвеност, одлучиме цинично и зајадливо да им се спротивставиме на натрапниците. Напротив, така само му даваме легитимитет на самоволието, а нив ги ослободуваме од одговорноста за владеењето и манипулациите со духот на цела генерација млади, повторно во името на нивната подобра иднина.

Затоа мораме нешто да направиме. Мораме да го раскринкаме таквиот однос кон младите, и да ги спречиме во нивните намери. Мораме да покажеме огромна нетолеранција и гадење кон сите двојни стандарди, кон јавното дескредитирање и омаловажување, на кои редовно наидуваме во владините пораки со настојчива грижа и охрабрување на младите. Мораме да ги претставиме во вистинското светло, со вистинските значења, а потоа да ги замениме со нови, со помош на младите.

Мораме да учиме, заедно со младите, како на време да ги препознаваме и како систематски и прагматично да ги уриваме стандардите на послушникот, без да ја жртвуваме нивната креативност и оригиналност, без да ги замолчуваме нивните идеи и глас... Кога ги учат да комуницираат и да бидат ненасилни, а всушност им порачуваат жестоко да возвратат – тоа да го препознаат и да знаат за што се определуваат; кога им порачуваат да бидат чесни и искрени, а всушност ги поттикнуваат на грабеж, зашто ако не тие, другите тоа ќе го направеле – да покажат дека честа и праведноста им се поважни, без да се повлекуваат; кога ги советуваат да бидат „мажи“, и да не покажуваат слабости, плашејќи ги со исмевање и отфрлање – да се сетат на еднаквоста, и на правото на посебност, и со тоа да се спротивставуваат; кога им нудат помош, а помошта ја условуваат, или го прават тоа од сожалување – да знаат достоинствено да одбијат; кога од нив бараат да успеат, а всушност се очекува да се снајдат, да фатат врска, ако треба и да излажат, или препишат, затоа што сите така прават – да застанат во одбрана на сопствениот, автентичен израз и љубопитството да се знае повеќе, и да се биде на вистинското место; кога со нив безмилосно се постапува, кога никој не сака да ги слушне, кога им го одземаат просторот, кога ги напаѓаат и клеветат – да умеат да побараат поддршка од врсниците, од оние во кои веруваат, и со нив заедно да се побунат против сите видови насилство, против социјалните неправди и притисоци, и да не се откажуваат; и секогаш одново да се потсетуваат на сопственото и неприкосновено право да учествуваат во уредувањето на сопствениот живот и на сите простори кои им припаѓаат.



„Одбиј да бидеш исполнителен“ може да биде работен наслов за визионерска акција во искоренување на двојните стандарди и манипулации од страна на послушниците и нивните заложници, упатени до младите. Најмалку што можеме да очекуваме е замрзнување на односите, и ослободување на просторот кој потоа младите ќе го искористат за себепромоција, но овојпат во сопствена режија, со посветеност и самозадоволство од сработеното. Како што веќе покажаа дека е можно, деветте млади автори и стотината учесници во филмот Скопје-Ремикс, кога напуштениот простор од возрасните го искористија за создавање, и кога по три години трагање, учење и себепронаоѓање, во услови на потполна неизвесност по крајните исходи, го сработеа своето прво оригинално и единствено ремек дело. Успеаја и затоа што заедно одбија да бидат заложници на послушноста и исполнувањето на туѓите агенди. Со нив и сите ние, останати, ако тоа јасно го препознаеме и поддржиме, можеби сè уште имаме шанса.

Лина Ќостарова Унковска