Олигархија

Day 1,595, 10:05 Published in North Macedonia North Macedonia by Patriotche


Што може да им биде заедничко на крадците, благородниците, старците, свештениците, џганот и олошот, судиите, заслужните, богаташите и техничарите?

Власта.

Па така, во зависност од исходот на изборите, ќе имаме клептократија, аристократија, геронтократија, хиерократија, какистократија, охлократија, критократија, меритократија, плутократија, технократија или нешто друго – а сами сме си го избрале.

Тешко е да се очекува дека крадците својата власт ќе ја наречат лоповска, па дури ни старците да ги истакнуваат своите години како доблест.

И богаташите попрво признаваат дека се шармантни, паметни и способни одошто само богати. Џганот и олошот да не ги споменуваме.

Сите споменати и неспоменати групи и облиците на нивната власт влегуваат во поимот олигархија, иако тој често погрешно се користи за да го означи владеењето на богатите. Всушност, олигархијата е еден од неколкуте основни облици на владеење во кое најголем дел од политичката моќ го држи малубројна група луѓе, кои ги поврзува некаква заедничка карактеристика. Затоа не секогаш мора да станува збор за нескриено држење на власта: олигархиите, барем начелно, често дејствуваат од сенка, настојувајќи да остават впечаток дека ги почитуваат законите и обичаите на сограѓаните. Посклони се своето политичко влијание да го остваруваат посредно така што, на пример, контролираат поголем дел од економијата на едно општество – наместо јавно да прифатат место на престолот, во претседателството или во водењето на народното собрание.

Многумина од оние кои се занимаваат со проучување на човечкото општество сметаат дека секој постоечки или историски систем е само еден вид прикриена олигархија. И во најразвиените демократски држави се знаат – и, за разлика од овде, се објавуваат – листите со најбогатите семејства, највлијателните поединци, творците на јавното мислење, кумовите на некој мафијашки клан...

Во земјите кои се стремат кон демократија – или, како што сега се вели тоа, кои се во транзиција – тие неформални групи, од криминалците преку новобогаташите до политичарите, уште повеќе бодат очи.

Ако ви се чини дека ова веќе сте го знаеле или читале, никој не ви е виновен.

Бидете будни.

Александар Ќириќ