Мистериозните ископувања на Бигла и во близина на Велешкото езеро.

Day 1,472, 14:08 Published in North Macedonia North Macedonia by Nikolcho996

Дваесетина дена трае потрагата по богатство што го оставила, наводно, германската војска при повлекувањето во 1944 година. Од завчера во бункерот е инсталирано светло, за што се донесени моќни агрегати



Горан Адамовски


Велешко Езеро - Македонија ја зафати златна треска. По пребарувањето во делчевското село Бигла каде што се трага по злато од Втората светска војна, слична акција се изведува и во близина на велешкото езеро „Младост“. Концесионери со дозвола на државата копаат под ридот во близина на Катланово, надевајќи се дека ќе откријат стотици тони злато, кои, наводно, фашистичките сили ги оставиле кога се повлекувале по поразот во Втората светска војна.

Како што се зборува, копајќи под земјата, тие веќе го скенирале богатиот плен, но, наводно, бил миниран, па сега се чека стручна помош за деминирање. Улогата на државата е јасна: доколку навистина се пронајде златото, нејзе ќе и' припадне повеќе од 85 проценти.

Неверојната приказна, како што зборуваат мештаните, започнува од времето на византискиот император Јустинијан, кој под ридот на стариот пат меѓу Катланово и Велес изградил „мал град“. Оваа тајна им била позната на Германците, кои решиле да го отворат ридот кога се повлекувале од земјава во 1944 година.

„Под ридот скриле 220 тони злато, односно педесетина камиони натоварени со злато, а внатре има и болница, штаб, цела соба со уметнички слики, четири сандаци со дијаманти и којзнае што не“, ја раскажуваат велешани легендата што се пренесува од колено на колено.

Повозрасните се присетуваат дека во поранешна Југославија, тогашната народна армија не дозволувала никаков пристап околу ридот. Војници држеле стража околу земјиштето, никој не смеел ниту да се доближи до местото, во кое биле „скриено нешто“.

„Се зборува дури и дека над ридот има скриена писта за слетување и полетување на авиони“, кажуваат мештаните.

Мит или вистина? Тоа била дилемата на неколкумина бизнисмени, кои одлучиле да го побараат скриениот град. Како што се зборува низ Велес, станува збор за бизнисмени и за сопственици на фирми и угостителски објекти од градот, но и други делови на земјата. Есенва, тие побарале концесија да копаат по ридот. Дозволата ја добиле пред три недели.

„Не станува збор за археолошки локалитет. Луѓето побараа да копаат за некоја своја акција и, за да не копаат на диво, им дадовме дозвола. Трошоците си ги сносат самите, а копаат во присуство на наши инспектори и под полициско обезбедување“, вели Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство.

Тој укажува дека според законот, доколку концесионерите навистина пронајдат злато, повеќе од 85 проценти ќе припадне на државата. Се' што ќе се најде 60 сантиметри под земјата и' припаѓа на државата, а пропишаната награда за чесните пронаоѓачи е 13-14 отсто, објаснуваат правници.

Да се стигне до „тајната“ локација не е баш лесна работа. Откако ќе дојдете до Велес и до езерото „Младост“, мештаните ќе ве упатат кон стариот пат за Катланово, односно Скопје. Станува збор за ужасно лош земјен пат, полн со кратери, а асфалт ѕирка. По калдрмата речиси и не поминува никој, а од страните е опкружен со грмушки, трева и дрвја, па во непрегледното пространство тешко е да се забележи што било. Штом видите џипови, сфаќате дека сте на вистинската трага. На помалку од десет километри од Велешкото езеро, здогледуваме полициско возило. Стотина метри зад синиот џип се забележуваат багери, кранови и друга механизација. Се работи под полна пареа. Но, да се приближите до локацијата нема шанса.

„Ние сме новинари, дали може да појдеме и да видиме што се копа“, ги прашуваме двајцата полициски „специјалци“, кои не' пресретнаа со џипот. „Знаеме кои сте и што сакате, но да минете не може. Ве молиме, продолжете кон Катланово или вратете се во Велес. Бидете коректни за да нема потреба да ве следиме“, љубезно не' бркаат полицајците.

„По барање на Дирекцијата за заштита на културното наследство, нашата улога и задача е да асистираме при ископувањето“,го пренесува Иво Котевски ставот на Министерството за внатрешни работи.

Неофицијално се дознава дека рокот на траење на концесијата бил до 5 декември годинава, но, наводно, тој ќе биде продолжен. Концесионерите не сакаат јавно да зборуваат за случајот. Не сакаат да ги потврдат гласиштата дека со специјалните машини веќе го скенирале златото. Проблем било тоа што златото било минирано. Сега се чекале деминери.

Едни сметаат дека станува збор за голема глупост, други, пак, се убедени дека вистинско богатство е скриено под ридот кај Велешкото езеро. Разврската на „златната треска“ што ја зафати земјава ќе се дознае деновиве.



Што однесе хеликоптерот од тунелот кај Бигла?

Од завчера во бункерот е инсталирано светло, за што се донесени моќни агрегати

Иван Бојаџиски


Штип – Хеликоптери не само што го надлетуваат теренот околу тунелот кај делчевското село Бигла во кој се трага по засега непознати предмети туку веќе почнаа и да изнесуваат нешто. Очевидци тврдат дека завчера еден хеликоптер се спуштил блиску до локацијата каде што се вршат мистериозните ископувања и од него нешто се истоварило, а потоа повторно се натоварило, по што леталото го напуштило теренот.

Во отсуство на официјални информации, мештаните и натаму само шпекулираат околу тоа дали има злато во нашуштениот тунел. Веќе седми ден, според официјалното соопштение, тука копаат археолози ангажирани од Дирекцијата за заштита на културното наследство. Неофицијално, нема археолози, туку експерти за кои се смета дека умеат да препознаат траги од благородни метали, односно злато. Целата операција се изведува под најстроги мерки на безбедност и на теренот на кој се работи не може ниту пиле да прелета.

„Наместо пилиња, овој терен секој ден го надлетуваат хеликоптери. Вчера со свои очи видов како еден хеликоптер се спушти во непосредна близина на тунелот. Некои луѓе од него изнесуваа, а потоа внесуваа нешто. Бев на поголема оддалеченост, односно на патот кој од Виница преку Бигла води за Делчево и затоа не можев да видам добро што е тоа што се внесува во хеликоптерот“, ни рече еден возач на камион од Штип.

За побргу да оди работата од завчера во бункерот е инсталирано светло, за што се донесени моќни агрегати чија работа го ремети планинскиот спокој. Селаните од Бигла, Драмче и од некои други околни села не можат да си ги извршуваат работите во своите кории, како што велат, бидејќи пристапот до нивните имоти им е забранет веќе една недела.

„Наслушнав дека луѓето што го пробиваат затрупаниот тунел веќе навлегле триесеттина метри во него. За побрзо да напредуваат, работат со мал багер кој може да функционира во простор широк пет, а висок 4.5 метри. Машината им обезбедува брзо напредување кон конечната цел“, тврди наш соговорник од Делчево упатен во случувањата на теренот.

Од порано постојат информации дека овој тунел е долг од 150 до 200 метри. Приказните за него од година на година стануваа се' помистериозни. Одеа во насока дека тунелот е миниран, па до тоа дека во него живеело големо чудовиште поради што селаните го избегнувале, иако неговиот влез бил со децении затрупан. Третата верзија, во која сега 90 проценти од тукашното население верува, е дека во тунелот има закопано злато од непроценлива вредност и дека државата, всушност, трага по него. Како што беше во времето на СФРЈ кога ЈНА го имаше „окупирано“ теренеот околу штипското село Суво грло каде мистериозно се копаше цела една недела под најстроги мерки на безбедност, а никогаш не беше соопштено што беше ископано. И поради тоа искуство денес се верува дека кај Бигла се трага по злато оставено од фашистичката дивизија „Принц Еуген“ која се повлекувала од Грција преку Гевгелија, Радовиш, Штип, Виница, Бигла, Делчево, а од таму и кон Бугарија.

Во целата оваа мистерија едно е само јасно, дека однапред се знаело дека тунелот не е миниран и оти во него нема складирано големи количини експлозив. Да беше така, наместо археолози, како што сега се тврди, таму ќе работеа стручњаци за експлозив. Во целата приказна се приклучи и Општината Делчево која и официјално од централната власт бара информација за тоа по што се трага во тунелот кај Бигла. Делчево најверојатно цени дека ако се пронајде злато некој дел треба да припадне и на Општината, со оглед дека целата операција се одвива на нејзин терен.

Паско Кузман: Ова не е археологија

„Не се работи на тој простор за археолошки ситуации, за археолошки локалитет, за постоење на културно наследство, и ако беше така немаше да дадеме согласност да копа било кој, туку надлежна институција која би вршела стручни истражувања. Ова е и начин да се избегнат и дивите, романтичарски археолошки копања, поради што ние понекогаш прифаќаме предлози од одредени страни кои сакаат да финансираат и од нивен аспект да вршат истражувања на теренот. Се разбира, ако при тоа наидат на културно наследство тој што ќе најде нешто такво, е должен според законот тоа и да и го отстапи на државата“, изјави вчера Паско Кузман, директорот на Управата за културно наследство потенцирајќи дека актуелните копања во потрага по златото кое наводно го оставиле Германците кај делчевското село Бигла, цело време се надгледувани и од стручни лица од Управата.

„Истражувањата се во тек“, вака одговори Кузман на прашањето дали очекува наскоро нешто и да биде откриено.

Неколкумина археолози кои сакаа да останат анонимни, вчера изразија чудење од начинот на кој во медиумите се третира трагањето по заборавеното злато.

Сметаат дека истражувањата се мотивирани од гласини кои се шират меѓу тамошното население и дека досега не чуле во рудниците да има било какви археолошки остатоци. Нагласија дека ниту во Археолошката карта на Македонија на тој тесен простор не е евидентиран археолошки локалитет, и велат дека ако навистина постои нешто немаше да се дозволи копање со багер.