Манифест на Македониумот

Day 1,455, 13:13 Published in North Macedonia North Macedonia by klimco

Лингвисти, спортисти, уметници, пензионери, младинци, безмалку 500 од нив продолжуваат со поддршката на Манифестот на Македониумот, а по иницијативата против бришењето на зборот „македонски“ во документите на Европската комисија (ЕК)


Поради големиот интерес на граѓаните, организацискиот одбор одлучи процесот на собирање потписи од граѓаните и од организациите да продолжи и во текот на следната недела во сите градови во Македонија. Покрај двата постојни пункта за собирање потписи, кои се наоѓаат во Скопје, во Домот на АРМ и во спортската сала „Борис Трајковски“, од денеска такви пунктови ќе бидат отворени во сите домови и центри на културата во Македонија, со што на сите граѓани ќе им биде овозможено да учествуваат во оваа иницијатива.

- Јас имам име, Македонка сум и така сакам светот да ме третира. Тоа е мое основно човеково право. Давам поддршка за да не бидам од мноштвото безимени - вели професорката по македонски јазик Билјана Котлар-Сакоман, која вчера дојде во Домот на АРМ во Скопје и се потпиша за поддршка на Манифестот на Македониумот.

Собирањето потписи за поддршка ќе трае до петок, 18 ноември, кога ќе бидат презентирани следните чекори во насока на запознавање на европските институции со ставот на граѓаните на Македонија.

Оваа иницијатива почна откако група македонски спортисти и уметници, предводени од селекторот на кошаркарската репрезентација Марин Докузовски и естрадната пејачка Калиопи, реагираа на изоставувањето на придавката „македонски“ во извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во 2010 година.

Во манифестот пишува дека Македонците се шокирани од бришењето на придавката „македонски“ и оти Македонците се рамо до рамо, ако не во економијата, тогаш во уметноста, науката и во спортот со европските народи.
- Бришењето е чин, кој, како што покажува светската историја, никогаш не успеал, дури ниту како картографски метод. Може да избришете и цела територија на некоја мапа, цела држава, но никогаш не ќе можете да избришете цел народ. И бидејќи ние Македонците сме народ, а никој никогаш не избришал народ, може некој таму да „избрише“ поединец-Македонец, но народот во целина не може. Апелираме да влијаете врз сите оние политички сили што на Република Македонија и пристапуваат со гумичка за бришење и ве молиме да ги потсетите дека Македонија е реална, но и мистична земја. Зошто инаку би била спомната 28 пати во Библијата - пишува во манифестот.

На иницијативата се приклучија и студентски организации од скопскиот, битолскиот и од штипскиот универзитет, преку симболично чекорење по улицата Македонија до Домот на АРМ во Скопје, каде што се потпишаа на Манифестот на Македониумот.

Откако ќе се соберат одреден број потписи, манифестот ќе биде доставен до делегацијата на Европската Унија во Скопје и лично до еврокомесарот Штефан Филе

Јас имам име, Македонец сум и така сакам светот да ме третира. Тоа е мое основно човеково право!