Хистори 1.0.1 краш-курс

Day 1,759, 06:37 Published in North Macedonia USA by MaLoUmEn

Факти за формирањето на Грчката држава и нејзиното делување во Македонија.

Со самото формирање на грчката држава во 1830 година не биле задоволени до крај грчките територијални аспирации. Голем број Грци останале надвор од новоформираното кралство, а тоа било и една од главните причини подоцна Грците да се зафатат со кроење на плановите за зголемување на територијата на Грција. Државата била формирана од страна на големите сили, па нормално е и тие да имале најголемо влијание во нејзината политика. Најголемите политички партии биле наречени по земјите кои имале најголемо влијание врз нив, Британска, Француска и Руска. Тие Сили на Грција и го донеле нејзиниот прв владетел Отон кој со грчкото кралство владеел до 1862 година.

Со самото формирање на државата се јавила потребата од создавање на една цврста дипломатска мрежа која ќе се бори за грчките интереси. Во 1834 година во Солун бил испратен првиот грчки конзул со што почнала да делува грчката дипломатија, која имала за цел да ги штити интересите на Грција и да ја шири нејзината пропаганда во оние делови во кои таа имала интерес. Образованието било еден од најчестите примери како грчката пропаганда била ширена во Епир, Тесалија и Македонија. Ппчнале да се формираат многу училишта на грчки јазик, во Грција и во османлиските провинции од грчки интерес, каде се школувале во поголем дел и деца од Македонија. Формирањето на Универзитетот во Атина било од огромно значење за грчката писменост и пропаганда. Покрај културно-просветните активности во Грција, голем замав земале и заговорничките и националистичките комитети. Иако владата во Атина не ја поддржувала нивната работа, таа не ја ни спречувала нивната работа која и одела во нејзин прилог, односно кои работеле на остварување на целите за територијално проширување.

Влошената економска состојба и лошото баварско менаџирање на државата довеле до воен удар, а Отон бил принуден да прифати донесување на Устав во 1843 година. Говорот на Јоанис Колетис во грчкото Собрание се смета за еден од поважните настани за грчката историографија, бидејќи тогаш за прв пат некој политичар ја промовирал „Мегали Идејата“, чија главна цел било остварување на грчките иредентистички планови. Во текот на XIX век се појавиле словенофобите и стравот од нивното влијание врз грчките интереси. Избувнувањето на Кримската војна помешу Русија и Турција го искористиле некои комитети и здруженија за да делуваат против Портата. Отон сакал да ја искористи „големата идеја“ за зацврстување на неговиот трон. И покрај сите воени повици, сепак во Грција имало и политичари кои не ја поддржувале воената акција како средство за остварување на грчките цели. Се повеќе била разгорувана желбата да се кренат востанија во Епир, Тесалија и Македонија од страна на комитетите за подоцна тие територии да се анектираат кон Грција. Караташо е виновникот за востанието на Халкидик, кој бил штитеник на грчката влада. Тој со неговиот исказ ги шокирал властите на Атина кога изјавил дека тој и неговите приврзаници се бореле за една слободна и автономна Македонија, а не за Македонија во рамките на грчкото кралство. По неуспешот на грчката дипломатија за време на Кримската војна, во Грција се зголемило незадоволството кон Русија, бидејќи таа се стремела да формира една голема словенска држава на балканот под нејзина контрола, а тоа ги загрозувало грчките интереси на Балканот.

Во 1859 година во Битола било формирано грчко здружение наречено Казино, кое не дејствувале долго, но сепак со тоа се покажувало кои биле намерите на грчката влада. И покрај омразата кон Словените, Грција сепак ќе направи обиди за склучување на сојуз со Србија, со која ќе води преговори подолго време за заедничко делување против османската држава. И двете држави се плашеле дека местото на Османлиската Империја може многу лесно да го завземе некоја од големите сили, па сакале да се осигураат дека двете земји ќе имаат што поголеми придобивки пред тоа да се случи. Во Цариград бил формиран Силогосот за ширење на образованието, а владата на Атина имала контрола врз него. Во 1862 година бил соборен од власта Отон и на негово место по извесно време дошол данскиот принц Георг, кој по неговото доаѓање во Грција го земал името Георгиос I и како подарок за неговото поставување за владетел на Грција, Британија и ги подарила Јонските Острови со што Грција за прв пат се проширила територијално. Договорот со Србија бил склучен во 1867 година во времето на Александар Кумундурос и Леонидас Вулгарис, но никогаш не профункционирал тој сојуз.

Критското востание било завршено со Париската мировна конференција во 1869 година од каде Грција не добила ништо. Можноста од создавање на бугарска автономна црква ги натерало Грците да се приближат една со друга. Огромна поддршка била дадена на Цариградската патријаршија за да се спречи формирањето на бугарската црква, но во 1870 година таа била формирана со ферманот на султанот. Егзархијата сега станала голема опасност за грчките интереси поготово во Македонија и Тракија. Со почетокот на Источната криза во Грција се појавиле значајни политичари како Трикупис кои биле поделени за грчкото учество во оваа војна. Сепак било решено Грција да чека да види како ќе се одвиваат настаните. Одкако почнала руско-турската војна во 1877 година, Грција го задржала својот неутрален став, чекајќи го крајниот исход од војната. Грчката армија не била подготвена за отворена војна против Османлиите, наместо тоа таа била повеќе расположена за кревање на востанија во Епир, Тесалија и Македонија. Руските успеси на военото поле ги раздвижиле политичките кругови во Атина. Почнале да се шират гласини дека доколку Атина не учествува во војната, таа на следните мировни преговори да остане на страна и да не добие ништо од пленот. Бил формиран Македонскиот комитет, претежно од жители во Грција кои потекнувале од Македонија, а од неговите членови во Литохоро била формирана Привремена влада на Македонија која испратила проглас до Атина дека Македонија треба да се припои со матичната земја Грција. завршувањето на руско-турската војна и потпишувањето на Санстефанскиот преелиминарен договор, во Грција предизвикале шок.
Грците ги ангажирале сите свои сили, комитети, здруженија, конзулати и почнале да изработуваат петиции кои биле испраќани до големите сили со цел да се разгледаат грчките ставови и барања. Во тој период во Британија се сменила владата и на нејзино чело дошол Вилијам Гледстоун кој започнал приближување на политиката кон Грција заради новоформираната бугарска држава и влијанието на Русија на Балканот.

На претстојниот Конгрес во Берлин, грчката влада се обидела да обезбеди учество, но на неа и било дозволено само да ги изнесе своите барања на денот кога за тоа и ќе се разговара. На крајот од Конгресот, Грција не била задоволна, Британија ја постигнала својата цел, која била поништување на големата бугарска држава, а за грција било договорено со членот 24 од Берлинскиот договор да се одржат преговори меѓу Грција и Портата на кои ќе биде договорена нова гранична линија. Тие преговори траеле повеќе од две години и на крајот повтороно се вмешале Силите кои извршиле притисок врз двете земји за конечно да се реши прашањето за границата. На 2 јули 1881 година била потпишана Конвенцијата за новата грчко-османлиска граница со која Грција ја добила речиси цела Тесалија и дел од Епир. Тоа било второто територијално проширување на Грција без притоа да земе директно учество во војна.

Ова е само мал дел...
доколку има заинтересираност може да излезат неколку статии со целиот текст.
(дел од дипломска работа)


во оваа статија цицките се изземени поради сериозноста на текстот.