Околу е-идолите и е-восхитот

Day 1,599, 15:50 Published in North Macedonia France by Princess Emily

Идол. Минатите дефиниции на овој збор навистина многу се разликувале од денешните. Во далечното минато, кое датира уште од почетоците на создавањето на цивилизацијата, древните предци на луѓето на најразличен начин се обидувале да ги објаснат појавите во природата. Така се родиле првите идеи за идолите, кои своевремено биле претставувани како суштества со посебни поседства во вид на идеализирани моќи, на кои обичните смртници им се восхитувале и им придавале огромно значење. Присуството на духовната култура предводена од култот на идолите било навистина важно, силно изразено во сечиј живот, бидејќи луѓето во дадени периоди дури и се идентификувале со нив со цел да го доближат боженственото до својот дух, и на тој начин да се уверат дека нивниот живот не е бесцелен.

Денес, се е изменето, а со тоа и сфаќањето за повеќето нешта. Знаејќи ја историјата и причините за настанувањето на одредени појави и процеси, денес успешно ги прилагодуваме истите кон модерните потреби. Истото го имаме направено дури и со одредени поими. Па така, денес, поимот идол има сосема различно значење од она пред многу години. Денес идолите се луѓе, не божества. Тоа се луѓе кои во себе можеби не поседуваат нешто боженствено, но со сигурност поседуваат многу атрибути кои можат да фасцинираат одреден број на луѓе, и да ги натера истите да покажат восхит кон тоа што одредени поединци го прават. Независно во кој сегмент од општеството тие ќе ја насочат својата работа, производот секогаш ќе биде посебен, но не постигнат со божествени способности, туку со скапоцени духовни, но сепак човечки поседувања. По се изгледа, секој си создава идоли во сегментите во кои делува, и најчесто, тоа се луѓе кои се поуспешни во дадената област, кои претходно дејствувале успешно во истата и зад себе оставиле голем впечаток. Како што премногу нешта од различна природа од вистинскиот свет се пресликани во е-светот, несомнено и ова е едно од нив. Иако под никови, кои за мене претставуваат само неколку букви кои не го претставуваат човекот кој се крие зад нив, сепак и во е-заедницата се одвојуваат луѓе, посебни, кои на секој чекор го покажуваат својот талент, успешноста на својата работа во дадена сфера, и нивната вредност, пред се како личности.

Најверојатно е неможно да се нема почит кон нивната работа, кон леснотијата со која тие ги завршуваат зацртаните цели, и секако, кон самата нивна личност. Некои би кажале дека сето ова е бесцелно, но кога ќе размислиме подобро, тогаш и самото пресликување на вистински нешта во играва е бесцелно, освен пријателството. Не е акт на понизност да се признае дека на некого се восхитувате, тоа е само човечка особина која докажува дека еден човек е подготвен да ги пронајде своите слабости и да работи за да ги неутрализира недостатоците, потсетувајќи се на туѓите успеси и нивната достижност.

А јас, јас имам двајца идоли. Прекрасни луѓе со несекојдневни способности во полето на дипломатијата. Сигурна сум дека се дури уште повеќе успешни во вистинскиот живот.