Strumica

Day 1,084, 02:56 Published in North Macedonia North Macedonia by Vemka

Антички период
Потврда дека струмичкиот крај бил густо населен уште во античко време е постоењето на неолитската населба “Страната“ кај селото Ангелци. Овој археолошки локалитет нуди нови сознанија за доцниот неолит бидејќи населбата датира од околу 4500 до 3800 година п.н.е. За ова до скоро се знаеше дека постои само во брегалничкиот и Овчеполскиот регион. Најновите наоди кај Струмица ја потврдуваат и тезата за постоењето на неолитска сообраќајница од брегот на Егејското море до централниот дел на Балканот.
Откриените фрагменти од керамички садови, вообичаена неолитска пластика, лепеж од куќи, култни предмети и слично укажуваат на фактот дека овде постоело грнчарство на завидно ниво, а откопаните алати (мотики, секири, длета) и женски фигури како симбол на плодноста, дека тука живеела земјоделско-сточарска популација.
Под името Астраион, градот за првпат во пишаните извори се среќава кај римскиот историчар Тит Ливиј, во 181 година пред новата ера, во врска со убиството на Деметриј братот на македонскиот крал Персеј (179-168 пр.н.е.), односно синот на Филип V (221-179). Името Астраион градот го добил по пајонското племе, Астраи. Во 168 година пр.н.е. Македонија паднала под римски протекторат и била поделена на четири мериди, а Астраион припаднал на втората мерида. Во 148 година пр.н.е. Македонија станала римска провинција. Во римскиот период градот го променил своето име во Тивериопол, за што ни сведочи мермерниот постамент, посветен на патронот Тибериј Клавдиј Менон, од крајот на 2 век и почетокот на 3 век. Во времето на римскиот цар Јулијан Отпадник (361-363) во Тивериопол биле убиени Св. 15 Тивериополски свештеномаченици.
Во 395 година римската империја се распаднала, а Македонија припаднала на Источното Римско Царство. Потоа Тивериопол се наоѓал во составот на провинцијата Macedonia Salutaris (крај на 4 век) и провинцијата Macedonia Secunda (крај на 5 век). За постоењето на градската населба од тој период сведочи доцноантичката урбана палата – Мачук. Градот Струмица заедно со својата најблиска околина, поволните географско-климатски карактеристики и богатото Струмичко поле, одсекогаш представувал важен крстопат на патиштата на разни култури и цивилизации кои го оставиле својот белег на оваа почва. Следејќи ги материјалните остатоци, создавани во разни историски епохи, почнувајќи од праисторијата, преку антиката, византиско-словенската, турскиот период, итн. Струмица е еден од ретките градови со напластено богатство на споменици