Македонче, освести се!

Day 1,610, 02:58 Published in North Macedonia North Macedonia by BugsMoney

Велигденски празници завиени во црнило. Кривец? Група на луѓе кои бог знае зошто решиле да убијат пет недолжни лица. Мотиви – непознати. Полицијата работи на разрешување на случајот. Ќе прашате што е тогаш познато? Е тука веќе има еден тон работи кои јасно се гледаат дури и од авион.

Факт број еден. Македонските медиуми, по којзнае кој пат, масовно ја искористија оваа прилика за билдање рејтинг и труење на народот со корисни и бескорисни информации за трагедијата која се случи во очи најголемиот христијански празник – Велигден. Непромислено напишани милион шпекулации, пренесување на говор на омраза, спинување, потпалување на страсти – ма пренесување на сè живо и диво дури и да е најмалку поврзано со црниот настан.

По првиве мршојадци, долетаа и странските. Тие желни за рејтинг и ексклузивни информации продолжија да долеваат бензин во веќе запалениот оган. Пресудија дека меѓуетничките тензии во Македонија ескалирале, почнаа да пишуваат за црни сценарија, го напумпаа балонот на невистини со толку хелиум што кај и да е ќе почне да испушта звуци како евнух при кастрација!

Саде експерти на сите страни – а вистинските експерти никој не ги слуша. Нивните изјави се вадат надвор од контекст, сè се политизира, сè се осудува, а во реалност и пракса ништо не се прави. Едни смируваат, други повикуваат на насилство, но фактот останува ист – да не нè труеја медиумиве со секакви информации, можеби ситуацијава немаше да ескалира до ова ниво. Да беа одредени уредници повнимателни, немаше народот толку бргу да почне да се фаќа за гуша и да покажува со прст еден кон друг. Моќта на зборот е голема, зошто ја злоупотребувате? Зошто си играте со емоциите на и онака кревкиот народ на оваа држава?

Факт број два. Медиумите беа тие кои ги пренесоа шпекулациите за можната етничка припадност на убијците без тие претходно да бидат потврдени од МВР. Зошто? За поголема гледаност? За повеќе кликови на интернет? За поголем тираж на весниците? Зарем тоа е толку битно? Зарем мислите дека социопатите кои го направиле ова дефинираат еден етникум? Не, тие припаѓаат на категорија криминалци од највисок степен и конкретно тие треба да одговараат за нивните дела. Добро е да се врши притисок врз полицијата за побргу да се расчисти случајот – не е добро да се пишуваат статии кои ги разгоруваат страстите.

Факт број три. Народот е гневен и бесен. Нормално дека ќе биде. Откако го преплавивте и задушивте со повеќе информации отколку што може да процесира сега народот почна да презема мерки. Се случи и протест. Не е ни прв ни последен. Потоа се случи насилство. Не го оправдувам, во никој случај – но повторното преплавување со информации и пренесување на паролите кои само уште толку ќе ја разгорат омразата кај граѓаните што апсолутно беше непотребно! Загрижените медиуми „се тресат од страв“ од прекумерната употреба на насилство. Вие сте виделе насилни протести како изгледаат во една соседна Грција? Во Атина?

Заклучок? Наместо да објавувате објективни и проверени информации, наместо да филтрирате сè што може да придонесе за ескалација на ситуацијава и наместо да гледате да ги анимирате граѓаните да обезбедуваат информации до надлежните органи, вие фино лепо си ја искористивте можноста да изигрувате катализатор во хемиска реакција со опасни нус-производи. Браво! Нека ви служи на чест! Ми се гади од вашата желба за профит. Оставете ги жртвите да почиваат во мир, напишете статии за да им се помогне на семејствата и помогнете при собирање на информации кои ќе помогнат при истрагата и истите доставете ги до надлежните органи. Бидете човечни или бркајте работа!

*текстот е превземен од фаил.мк*

Го копирав текстот бидејќи е сосема на место и треба да сфатите дека новинарите и телевизиите наместо да помагаат они само полошо прават. Никогаш не сум верувал целосно на телевизиите и на тоа што се кажува на нив баш поради ваквите работи, од било каква работа на една можат да направат дека е добро на друга телевизија како тоа е лошо, кој како ќе го изврти.

Ако сеуште не ви е јасно што се случува во нашата држава задолжително погледнете го видеово
http://www.youtube.com/watch?v=RW7tzNfgoe4

Им се чудам на "паметните" што мислат дека треба да имало војна и дека со војна ќе се решело се.
Дали толку им сече или од премногу вжештена глава тропаат глупости незнам ама очигледно не се доволно информирани што се случува во војна и после нејзе па мислат дека тоа е добро нешто..
Прости им Господе незнаат што зборат.