Кандидатура за втор мандат [Little Beast]

Day 3,726, 02:37 Published in North Macedonia Lithuania by Little Beast

Здраво на сите.

Прва работа што сакам да ја расчистам е да упатам извинување за мојот пост на ѕидот на државата: ,,Иако имаше можност да одам на втор мандат сепак тоа нема да го направам.’’

Сепак сакам да ве информирам дека оваа моја изјава ќе ја демантирам и ќе се кандидирам на втор мандат доколку ја добивам вашата поддршка.



Како кандидат за втор мандат се чувствувам обврзан да ги напишам моите планови за наредниот месец. Поради тоа статијата ќе ја поделам на неколку делови:



1.Внатрешна политика

Забележав видна вознемиреност кај играчите за авио проектот. Зарем треба воопшто ова да го пишам? Авио проектот продолжува. Во тоа да немате никаков сомнеж. Доколку имате предлог како да се подобри овој проект, јас сум отворен за соработка и спремен да ви ги слушнам сугестиите и да најдеме начин доколку се реални да бидат спроведени.

Друга работа на што се надевам дека и вие сте со позитивни зборови, е тоа дека се потрудив и успешно го спроведував планот за фер и легитимно објавување на востанијата во Индија. Ниту едно востание не беше кажано пред време или на некои други чатови, тоа го правев исклучиво на ѕидот на државата, за да можат сите да видат и да имаат еднакви шанси да дојдат до медал. Благодарен сум до играчите кои максимално ги почитуваа моите наредби во врска со востанијата и тоа ми дава мотив да продолжам да работам фер кон вас. Бидете сигурни дека оваа практика ќе продолжи под мое водство.

Исто така, ветив и го спроведував делот дека секоја недела ќе има обраќања каде ќе бидете информирани за случувањата и проблемите со кои се соочува државата. И ова ќе продолжи со исто темпо.



2.Надворешна политика

Овој сегмент е многу чувствителен и секој погрешен потег може тотално да ги изврти работите. Јас во поглед на надворешната политика имам дефанзивен став, а тоа е држење до сегашните сојузници најцврсто што можам, додека за нови пријателства сум малце скептик и ми треба повеќе време да стекнам доверба. Од моја страна можам да ви ветам дека ќе бидам посветен на одржување контакти и пријателски односи со сегашните сојузници, додека за некои можни нови пријатели не би сакал да зборувам, но вратата се остава отворена за соработка, но со огромна доза на внимателност.

Јас самиот си ветив на себе пред да бидам ЦП дека Македонија во мој мандат нема да биде топовско месо и самите да удираме со глава во ѕид. Ова правило ме пратеше во текот на целиот мандат и стоев на тоа. Македонија во воените акции не беше сама, туку тоа беа акции организирани заедно со сојузниците и заеднички координирани напади. Доколку бидам повторно избран, ова правило сеуште ќе важи.



3.Војни и тренинг војни

Македонија учествуваше во 3 големи војни досега. Првата беше против Турција за ослободување на Бугарија, втората беше обидите за опстанок во Арабија и војната со Унгарија, а третата е во тек повторно против Унгарија, но овој пат ние нив ги нападнавме во нивните колонии. Првата акција беше успешна каде Бугарија ја доби слободата, во втората акција доживеавме неуспех и бевме исфрлени од Арабија, додека третата акција засега оди според планираното и се надевам на финален успех.

После ифрлањето од Арабија останавме на само една тренинг војна. Ова наиде на големи негодувања од играчите, поради фактот дека една тренинг војна е премалце и дека треба да има нова или нови. Поради тоа јас се потрудив максимално да најдам земја која ќе биде отворена и желна за соработка. Следниве земји беа контактирани за тренинг војна: Австралија, Италија, Јужна Африка, Мексико, Шведска, но секоја од нив, со исклучок на Австралија, си имаше свои причини поради која се решава да не одбие за тренинг војна.

Војната против Унгарија и нивното најверојатно исфрлање од таму ни дава можност да се надеваме дека ќе имаме нова тренинг војна, но како што знаете Америка ќе ја напаѓа на Хрватска најверојатно во тој реон, па не се знае што ќе донесе иднината, но јас лично ќе се потрудам да договорам барем уште една како би имале повеќе простор за играчите да добиваат медали.



4.Тим

Во овој дел искрено сум малце разочаран, бидејќи бев речиси оставен сам да го водам мандатот, поради обврските и работата на моите владини членови. Најмногу што морам да го истакнам во давање поддршка и совети беше како МОФА, но и тој поради работните обврски не беше во можност 100% секогаш да биде тука да учествува во донесување на итни одлуки, а знаеме дека станува збор за посветен играч.

Поради ова јас ќе ве замолам сите активни играчи, кои имаат желба, идеја и слободно време, да се пријават кај мене за да ги ставам во тим како би се зголемила активноста максимално и јас би бил барем малце олабавен од големиот притисок. Имам голема потреба од помошници во МОД тимот и МОФА тимот кои заедно ќе бидат во координација со сегашниот МОФА и ќе може да донесуваат и сами одлуки, секако во координација со мене.

Се надевам дека јас бев достоен кандидат и правилно ја водев државата во овој месец. Сметам дека поставив стандарди за тоа како треба да изгледа еден претседателски мандат и дека ќе останам запаметен како активен и посветен водач на државата.

Доколку мислите дека треба да ми ја дадете довербата и за следен мандат јас ви ветувам активност и посветеност како досега. Доколку се одлучите дека е доста од мене и дека ви треба промена ќе ја прифатам секоја ваша одлука. Вие сте тие кои одлучувате.

Искрено ваш
Little Beast