Поход на Персија

Day 1,440, 03:44 Published in North Macedonia USA by Abdula Slakic

Армијата на Александар ги минала Дарданелите со околу 42.000 војници од Македонија, разни грчки градови-држави, како и платеници и пратеници од Тракија, Пaјонија и Илирија. По почетната победа против Персиските сили во битката кај Граник, Александар го прифатил предавањето на провинциската престолнина и богатствата на градот Сардис, и продолжил по Јонското крајбрежје. Кај Халикарнас (денес Бодрум во Турција) Александар успешно ја спровел првата од многуте опсади, приморувајќи ги своите противници - платеничкиот капетан Мемнон од Родос и Оронтобатес - Персискиот сатрап од Карија, да се повлечат преку морето. Александар ја препуштил Карија на Ада, која била владетел на Карија пред да биде сменета од нејзиниот брат Пиксодарус. Од Халикарнас Александар продолжил во планинската Ликија и Памфилиската рамнина (близу денешна Анталија во Турција), преземајќи контрола над сите крајбрежни градови. Од Памфилија натаму, брегот немал позначајни пристаништа, и затоа Александар продолжил кон копното. Кај Термес Александар го покорил, но не го нападнал Писидискиот град. Во античкиот град Гордиум, Александар го разрешил дотогаш нерешливиот Гордиев јазол, загатка која според легендите била решлива само од идниот „крал на Азија“. Според една од приказните, тој едноставно го пресекол јазолот со сабјата. Според друга, го одврзал така што го извадил делот од двоколката околу кој бил врзан.

Армијата на Александар ги минала Цилицијските порти, ја сретнала и поразила главната Персиска војска под команда на Дариј III во битката кај Ис (денес во Турција, на границата со Сирија) во ноември 333. год.п.н.е. Дариј бил принуден да побегне од битката откако неговата армија се распаднала, и бегајќи ги напуштил сопругата, две ќерки, мајка му Сисигамбa и непроценлива количина на богатство. Подоцна, тој му понудил мир на Александар, предавање на сите земји кои овој веќе ги освоил и откуп од 10000 таленти за своето семејство. Александар му одговорил дека бидејќи сега е тој крал на Азија, тој ќе решава за поделбата на земјата. Продолжувајќи по брегот на Средоземното море ги освоил градовите Тир (денешен Либан) и Газа по познатите опсади.



Мозаик со Александар кој ја прикажува битката кај Ис, најден во Куќата на Фаун, Помпеја
Во 332 п.н.е. Александар се обидел да ја освои Нубија, но наишол на силна воена формација предводена од кралицата Кандас, па решил да ги упати своите сили кон Египет. Во таа 332. и следнатa 331. год., Александар бил добредојден како ослободител на Египет, кој до тогаш бил окупиран од Персија. Бил прогласен за син на Амон (египетски бог на сонцето, грчки: Зевс) од Египетските свештеници во пророчиштето во оазата Шива во Либијската пустина. Оттогаш, Александар често се повикувал на Амон-Зевс како на свој татко, а неговата слика на кованите пари била со биковски рогови како симбол на божественоста. Ја основал Александрија во Египет, која подоцна, по неговата смрт, станала напреден главен град на Птолoмејската династија.

Напуштајќи го Египет, Александар продолжил кон Асирија и на 01.10.331 п.н.е. го победил Дариј уште еднаш во [[битката кај Гавгамела] (веројатно близу до Мосул, денешен Ирак). Повторно Дариј бил принуден да побегне од бојното поле, но овојпат Александар го следел до Арбела, откаде овој пребегнал во Екбатана (денешен Иран).

Потоа Александар тргнал кон Вавилон. Од Вавилон, Александар се упатил во Суса, еден од главните градови на Персија, и го освоил неговото легендарно богатство. Испраќајќи ја главнината од својата војска кон главниот град на Персија Персеполис, Александар ги нападнал и освоил Портите на Персија (денес планината Загрос), а потоа побрзал кон Персеполис пред неговата војска да го опљачка богатството на градот. За време на нивниот претстој во градот, избил пожар во палатата на Ксеркс и се проширил низ остатокот од градот.

По освојувањето на Персеполис, Александар ја продолжил потерата по Дариј. До тогаш, Персискиот крал веќе бил заробен од Бес, неговиот Бактријски сатрап и сонародник. Додека Александар наближувал, Бес наредил да го убијат Дариј, а потоа се прогласил за негов наследник под името Артаксеркс 5 и се повлекол во централна Азија од каде организирал герилски напади против Александар. Со смртта на Дариј, Александар ја прогласил осветничката војна за завршена, и ги ослободил своите грчки и други сојузници од својата војска, но им дозволил на доброволците да останат како платеници.

Неговата понатамошна тригодишна воена кампања, прво против Бес, а потоа и против Спитамен, сатрап од Согдијана, го одвела Александар низ повеќе делови на денешен Авганистан и Таџикистан. Притоа, формирал повеќе градови со името Александрија, од кои некои постојат и денес, на пример Кандахар во Авганистан и Хуџанат во Таџикистан. Во тие походи, неговите противници биле поразени: Бес во 329., а Спитамен во 328г.п.н.е.