Фејсбук, добро утро!

Day 1,817, 17:36 Published in North Macedonia China by HC4Fun

ФЕЈСБУК Е ЕДЕН ВИД ЗАВИСНОСТ, пишуваше во едни дневни новини.

– “Замислете, зависност од Фејсбук?! Каква будалаштина“, морав да реагирам на мојот Фејсбук статус. Во рок од 5 минути, околу 50 мои електронски пријатели се јавија и го подржаа моето мислење. Еве, ќе ви пренесам како изгледа еден почеток на мојот ден па вие видете дали тоа има врска со зависност.

Се разбудив изненадувачки рано. Може неколку минути после 11 часот. Зевнав, го исчешав меѓуножјето (како и секој маж што држи до својот утрински протокол), се истегнав и патем, онака тегнејќи се, го уклучив компјутерот.

За предолги две минути бев на својот Фејсбук профил. Го избришав синоќешниот статус – “Последно мочање за денес и одам да спијам!“ и го заменив со нов – “Се разбудив, зевнав, истрљав очи и се почешав меѓу нозе.“ Не чекав долго на реакцијата на моите ФБ пријатели.

- “Добро утро царе, статусов ти е најјак! Може да го ископирам?“ напиша еден, очигледно голем обожавател на авторските права.
- “Неверојатно е колку сме слични еј, и јас сабајле зевнав и се почешав меѓу нозе“ констатираше вториот.
- “Ау брат, добро ме потсети, јас сабајле заборавив да се почешам“ ми заблагодаруваше третиот.
- “Така и јас еднаш се чешав скоро недела дена без престан... Ама тоа заради пицајзли.“ си евоцираше спомени уште еден редовен посетител на мојот профил.
Некои малку повеќе се ангажираа па и на YouTube нашле снимки од луѓе што зеваат и се чешаат. Ете, процениле дека тоа баш убаво ќесе вклопи со мојот статус.

Набрзо, под моите утрински “мудрости“ имаше околу осумдесет коментари, а дојде и до дебата. Едни се залагаа за триење очи пред меѓуножјето, додека другите тврдоглаво ја заговараа теоријата на чешање на машката “апаратура“ пред се друго. Пред да се вклучам во расправата, разгледав на брзина што има ново на туѓите профили. Девојките, како и секогаш, ги “постнале“ своите фотографии од разноразни клозети на кои самоуверено го гледаат својот одраз во огледало, а машките ставиле слики од луди ноќни проводи со многу алкохол на маса и уште толку пијани другари.

Девојки на нивните фотографии нема зошто тие во тоа време се во клозет со фотоапаратот. После тоа, се зачленив во неколку ФБ групи што од срце ми ги препорачаа моите е-другари. Во тие групи навистина секој може да се пронајде. Се зачленив и во: “Сите ние кои сме родени после пелопонеската војна!“, “Сите ние кои сме сите ние“, “Сите ние кои сакаме Стојче Ангелески од Кривогаштани да се ожени со Симона фризерката од Батинци! (не ги познавам ни Стојче ни Симона ама со среќа нека им е)“ и “Сите ние што имаме рамни табани“.

Редовната контрола на Фејсбук ја завршив, па можев мирно да се вратам на својот профил и да видам до каде е расправата. Секако, морав и јас да се вклучам, дури и заблескав со неколку жестоки аргуметни поткрепени со линк од Wikipedia каде јасно пишува се за дадената тема. По таквото интелектуално напрегање, огладнев и сфатив дека е скоро 17 часот а уште не сум ни доручкувал.

- “Одам да јадам бурек и јогурт!“ објавив и тргнав по храна. На пола пат до пекарата застанав и се мавнав по чело.
- Секогаш мора нешто да заборавам!, помислив

Најбрзо што можев се вратив во станот.
- “... Ќе биде бурек со месо!“ допишав на претходно објавениот статус под кој веќе беа коментари од типот:
- “Со сирење, месо или празен?“
- “Каков е овој непотполн статус? Или пишувај како што треба или не пишувај ич...“
- “Нема белки празен да јадеш?“

Грешка направив, ама и ја исправив. Се вратив до пекарата, купив бурек, го донесов во стан и го одмотав меѓу тастатурата и мониторот. Зошто да јадам и да блеам во празно, кога може да јадам и да гледам што има ново на Фејсбук.