Утре пеколни горештини!

Day 1,675, 08:19 Published in North Macedonia North Macedonia by Mr.Santino

Територијата на Македонија утре ќе ја зафати топлотен бран од жолта фаза, а во југоисточниот регион, односно во градовите Штип, Струмица, Кавадарци, Неготино, Радовиш, Валандово, Демир Капија и Дојран се предвидува топлотен бран од портокалова фаза, што е опасен по здравјето на луѓето.

За регионот кој ќе биде зафатен со топлотниот бран од портокалова фаза, министерството за здравство препорачува работодавачите, да ги ослободат од работни обврски бремените жени и лицата постари од 60 години.

„Се препорачува на работодавците во овие денови да го реорганизираат работното време за градежните работници и лицата кои работаат на отворено со тоа што ќе се одбегнуваат активности во периодот од 11 до 16 часот. Се препорачува на установите за згрижување на децата (градинки) да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 16 часот. Се препорачува на единиците на локална самоуправа, Црвен крст на Република Македонија и Центрите за социјални работи, поактивен пристап и помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници“, се вели во препораките на Министерството за здравство .

Се препорачува да се носи светла и лесна облека, заштитни очила и капа, да се користат креми со висок заштитен фактор, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна, се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци, а хроничните болни редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.