Македонци !

Day 1,523, 13:50 Published in North Macedonia North Macedonia by KepenciMKD

Ние сме многу интересен народ. Интересни сме затоа што кога еднаш ќе се разбудиме, тогаш не постои начин повторно да заспиеме. За тоа будење да биде баш будење, ни беа потребни точно 20 години, бидејќи првото подрасонување беше кога станавме независни 1991, ама после колку и да се будевме, тоа не траеше долго, и пак си заспивавме, бидејќи кога спиеме се ни е погодено како што треба. Тој сон, кој не одржуваше живи, но без чувства колку сме всушност Македонци, колку постои во нас патриотизам, колку и како ќе реагираме на вистинскиот предизвик, a при тоа не знаејќи дека ќе биде доволен само еден единствен миг кој ќе не разбуди од сонот, сон кој веќе сега ќе го сонуваме вечно.

Вечно е многу тежок збор за да се каже, но кога ќе се каже треба да биде издржлив. Јас го кажувам од моја гледна точка дека е издржлив, бидејќи тоа што ни се случи со кошаркарите, а сега што ни се случува со ракометариве, ја разбуди во нас душата, а кога се буди душата, тогаш се што постои во нас трепери, чувствува, сака, посакува, мечтае ... Рамнодушни ќе останат само оние и кога ги гледаат нашите репрезентативци како гинат на секоја утакмица, и како се даваат себеси за да ја одбранат честа на нашата држава, сепак наоѓаат виновник за нашите порази, а при тоа занемарувајќи ги и противниците кои биле будни пред ние и да можеме да претпоставуваме како е да бидеш, РАЗБУДЕН !

Ние сега научивме дека треба да го даваме нашиот максимум, и дека кога ќе го дадеме треба да се радуваме на било кој резултат, бидејќи тој бил нашиот максимум. Неправди секогаш имало и ќе има, но кога ќе размислуваме само за посакуваното, неправдите ќе ги поминуваме како да не постојат, при тоа секогаш гледајќи ја целта пред себе. Нашата цел е сега јасна, а таа е соединување на се што досега не разединуваше. Додека го пишувам ова, мене ме обливаат емоции, душата ми трепери, срцето ми игра, а сето тоа е затоа што чувствувам колку е убаво што сум Македонец и што секој дел од мене копнее за целосно соединувања на Македонскиот народ.

Целосното соединување веќе го гледаме, и единствено што сега треба е да му се доближиме толку блиску, што никој и никогаш нема да може да не оддалечи, а камоли да го изгубиме од видик. Кога сите дејствуваме како едно, кога сите размислуваме како едно, кога сите посакуваме како едно, тогаш ќе бидеме непобедливи. Непобедливоста е во истрајноста, решителноста, оддлучноста, и кога ќе ги имаме овие особини, секој пораз ќе ни биде победа. Нашите победи веќе ги чувствуваме, а поразите се само стимул плус за нашите следни победи. Во нас поседуваме неограничени способности кои со соодветна стимулација тие оживуваат и живеат онака како што сакаме.

Кога стимулираме, а не дестимулираме, кога охрабруваме, а не обесхрабруваме, кога и негативното ќе го претвораме во позитивно, тогаш нема да постои предизвик кој ќе биде невозможен, предизвик кој ни ги отвара нашите души како што сега се отворени со нашите кошаркари и ракометари !

Гордоста што ја имаме во себе, никој не може да ни ја уништи, освен самите ние. Кога гордоста ќе дојде до израз, тогаш сме свесни кој сме и што сме. Сега сите сме Заедно, бидејќи Македонци се оние кои се чувствуваат Македонци. Чувството на идентитет е посебно чувство. Идентичноста е во истата среќа, радост, тага, болка, која сите ја доживуваме кога победуваме или губиме. Ние конечно научивме да се радуваме и на поразите. Се радуваме затоа што гледаме нов пристап кон играта, гледаме дека играат до последната стотинка, дека не се откажуваат се додека не заврши натпреварот, и гледаме дека конечно веруваат дека сите можеме да ги победиме.

Така почнаа ватерполистите, докажаа кошаркарите, а сега тоа го докажуваат и ракометарите. Кога едни од други гледаат, тогаш и едни со други се надополнуваат. Реалноста ја живееме, и колку повеќе ја живееме толку и иднината ќе ни биде иднина. Нашиот сон продолжува понатаму, и се додека будно го сонуваме, се дотогаш ќе бидеме горди што сме Македонци !

Спортистите ни овозможија, РАДОСТ НА ДУШАТА, радост која прерасна во извор кој извира секој ден се повеќе и повеќе и кој ќе извира, СЕКОГАШ.

Бидете и вие дел од тој извор во кој колку повеќе не има, толку и посилно ќе извира.Завршувам со единствената мисла која не прави најсилни кога е најпотребно, а таа е :... За ... КОГО ... За ... МАКЕДОНИЈА !

преземено од ФБ страната Чисти чувства
напишал: Зоки Илев