Дали враќањето назад во еднопартизмот е најдоброто што ВМРО-ДПМНЕ го нуди?

Day 1,888, 13:28 Published in North Macedonia North Macedonia by alexander the greath

Ако во една реченица може да се опише политичката состојба во Македонија, таа би била: Македонија денес е слободна држава со полуслободни граѓани, со демократски избрана Влада што владее недемократски!

Ако е ова состојбата денес а Македонија бега од курсот на демократскиот развој, тогаш мора да се согласиме дека нема многу простор за „трети опции“ (толку долго најавувани од истрошени политичари) ниту, пак, за интелектуална „неутрална критика“ на политичките движења во државата (против Курто и Мурто).

Во овој момент во нашето општество треба да се подржат политичките сили кои нудат повеќе политички слободи за граѓаните (па ако треба и на улица) и подемократско владеење (во институциите на системот, кога ќе се освои власта).

Како јас го гледам излезот од сегашнава блокада, што е само уште една во низата такви политички кризи последниве шест/седум години?

Денес излез од оваа криза, а не само смена на власта (што е природен процес по сите овие политички фрустрации и импровизации), може да се случи само ако имаме или најдеме сили за нови луѓе, нови идеи, нов дискурс, нова енергија, нов правец и градење на општество ориентирано главно кон граѓаните и држава која нема да биде злоупотребувана од партијата што е на власт. Овие сили се појавуваат само под капата на здружената опозиција и се нов свеж ветар во зачаурената домашна политичка сцена. Не смее да се дозволи една политичка партија (во моментот ВМРО-ДПМНЕ) да ја јавне државата и да ги троши нашите пари само заради голо опстојување на власт. Мора да се намалат корупцијата, клиентелизмот, да се сфати вредноста на заедничката држава, и многу други вредности. Се разбира, потребни се и нови работни места, многу нови работни места. Пред се, за да се задржат луѓето во државата а и да се вратат некои од тие што си заминаа. На овој пат ќе бидат потребни и храброст и издржливост. Но, не толку храброст колку што е потребно верување дека можеме и знамеме и поинаку и подобро.

Политички дијалог во средина со автократски потенцијал се чини како најтешка работа на светот. Исто како во Македопнија денес! Политички дијалог нема во изминатите шест/седум години. Во Македонија подолг период постои колизија меѓу демократските принципи и начинот на нивното практикување, како и помеѓу декларативните заложби за демократија и успешно спроведуваната не-демократија?

Зошто толку лесно застранивме од вистинскиот и позитивен курс што го одевме безмалку две децении?

Затоа што ние не сме го достигнале ниту основното ниво на демократски и општествен развој што постојат во старите и развиени демократии. Немаме внатрешни механизми и зрелост за разрешување на политички конфликти. Тоа се критериумите за демократска држава од Копенхаген кои се услов за ЕУ преговори и членство. Ние најчесто имаме демократски избрани влади кои владеат со автократски и авторитарни елементи. Денес имаме и засилен мнозински популизам со етнички белези. Но ова би било невозможно доколку имаме демократски граѓани, со демократска свест. А нашето општество а особено образованието не даваат ваков производ.Затоа е потребна и суштинска реформа во образованието каде мора да се започне со филозофијата дека децата се центарот и фокусот на образованието а не лекциите во учебниците на повеќе или помалку писмени автори, неупотребливото знаење што само се меморира или престрашени наставници кои предаваат строгост и дисциплина. Многу заостанавме на полето на образованието, науката и развојот. Светот а и соседите одат напред.

Ние, пак, одиме назад! Еве што мене навистина ме загрижува!

Владејачката партија со сите свои политички потези како да сака да го врати тркалото на историјата во Македонија наназад.Нетрпеливоста, непријателството и некомуницирањето со политичката опозиција покажува знаци на градење на нов/стар политички модел.Можеби моделот на држава што во овој момент се посакува од страна на ВМРО-ДПМНЕ е Македонски Сојуз на Работниот Народ на Македонија (ССРНМ/МСРНМ). Без опозиција, управување од еден центар, диригирани медиуми, преку една партија, преку една идеолошка матрица, лидер кој е безгрешен и треба вечно да владее. На постарите граѓани ова им е добро познато. Но тој модел доживеа историски неуспех.

Политичка алтернатива мора да има, различни социјални идеи мора да има, независни медиуми мора да има, јавност и дебата мора да има. Оваа идеја (за еднопартизмот) сегашната партија на власт не може да ја материјализира. Иако Македонија во тој и таков модел направи најголем политички и културен успех. Но тогаш, Македонија само го искористи слободниот простор што и се понуди. Тоа Денеска едноставно не е возможно. Со стари идеи само ќе тонеме и ќе заостануваме зад другите на Балканот што веќе реално се случува. Слободен простор и јавност мора да има, доволно за да се почувствува а не на грамови, социјалните мрежи мора да се остават слободни, да не се контролираат, луѓето да немаат страв дека се прислушувани. Во денешно време не би требало власта да покажува мускули, да силува политички програми, ниту да тренира строгост со пари и ресурси за кои има мандат само да менаџира а не да се расфрла. Во одредени моменти политички компромиси мора да се прават заради доброто на нацијата.

Ако враќањето назад во еднопартизмот е најдоброто што ВМРО-ДПМНЕ го нуди на пазарот на политичките идеи во Македонија денес, тогаш имаме сериозен проблем. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ ни нуди бескраен ужас, за разлика од „ужасниот вонинституционален крај“, што според скапо платените трабанти на власта, го нуди СДСМ денес.

Јас навивам за опозицијата, затоа што таа е претставник на патот за постабилна, позрела и подобра држава која ќе биде заедничко добро на сите граѓани, независно од нивната културолошка или политичка провениенција.

Како ВМРО-ДПМНЕ ќе не извади од оваа политичка криза која самата ја создаде, година по година, месец по месец, ден за ден? Они тврдат дека народот стои зад нив! Ова лесно се проверува. Но, само на фер и демократски избори. Какви и да се… За народот на кој постојано се повикуваат да има начин ДА ГИ КАЗНИ!

Затоа Владата да престане со купување медиуми, со купување гласови, со (пот) купување со работни места, со купување на се живо и диво со парите од нашите даноци. А „продаваат“ само една голема идеолошка ПРАЗНОТИЈА, која ја покрија со голема ПРОПАГАНДА, преку големи ПАРАДИ. А тргнаа со некаква конзервативна десница…

И до каде не доведоа? Е, па до овде, ДО НИКАДЕ!?!?

Напред Македонијо! Да живее Републиката!

Петар Атанасов

Професор на Универзитетот „Свети Кирил и Методи“

Колумната е преземена од блогот на Петар Атанасов