Нов Албум На [Tonyo San]

Day 1,776, 05:15 Published in North Macedonia North Macedonia by krembananka


Раперот Тонио Сан отсекогаш одел по некомерцијалниот музички пат и никогаш не ги зашеќерувал нештата што сакал да ги каже. Токму таа бескомпромисност можеме да ја очекуваме од изданието „Синтеза на ум и меч“. Неговото вистинско име е Антонио Арангеловиќ, а познат е како дел од групата „Грин аут“ и од дружината „Легијата“. Ова ќе биде негов трет соло-албум и вели дека жанровски е поинаков од другите рап-објави. „Синтеза на ум и меч“ ја носи структурата на „бушидо“ (патот на воинот).

Наместо меч, имам молив

Пораката на изданието е метафоричка расправа околу тоа дека секој човек е борец што води своја борба, без разлика на професијата, нацијата, расата итн.

- Јас тоа го зборувам од гледиштето на еден модерен самурај кој води иста борба како во феудална Јапонија. Но овој пат наместо меч, има молив, наместо вештина за мечување, има вештина за пишување и рапување. Неговото доџо (сала за тренирање) е студиото, а неговата порака с` уште е иста. Општо гледано системот с` уште е ист. Kонфликтот помеѓу материјалот и идеалот с` уште постои - објаснува Тонио и додава дека цедето е во завршна фаза, но с` уште не може да каже точен датум за промоција.

Изданието ќе има 16 песни, од кои 14 се продуцирани од Тонио Сан, а две од Ненад Стефановски – Брус. Да Џака Накот и ЛД Пистолеро се гости на албумот.

Тој веќе сними и спот за нумерата „Драма“, која е една од водечките нумери на изданието, а записот наскоро ќе почне да се врти во етерот.

- Од аспект на грувот и начинот на рецитирање, сметам дека таа песна е едно ниво над претходните, во техничка смисла на рапувањето и еволуирање на полуритмијата. Видеото е снимано во соработка со сенсеи Златко Kесковски од федерацијата за кендо-иаидо на Македонија, кој многу помогна околу сценариото и целата сценографија во спотот. Поединци од музејот на Македонија работеа на маската на демонот, кој излезе како од јапонски акционен филм и не би сакал да откривам многу. Во секој случај, спотот е ангажиран и носи цела приказна со себе, врз која се темели пораката на целиот албум – открива младиот рапер.

Рапот измутира

во маркетиншки поп

На крајот од минатата година тој ја објави и нумерата „Одмазда“, чиј текст беше протолкуван како критика на македонската рап-сцена, додека спотот набрзина стана хит на интернет-сервисот „Јутјуб“.

- Прво сакам да кажам дека „Одмазда“ не зборува за македонскиот рап, туку е приказна за рапот во светот. Денешната публика задоцни, не се роди во 90-тите, па сега не ~ се верува дека рапот некогаш беше музика. Требаше да биде најсилниот музички правец во текстуална смисла, од проста причина што секогаш текстот е во преден план. Може во заднина да тропаат канти, но ако текстот и начинот на рецитирање се на високо ниво, тогаш тоа е добра рап-песна. Но, денес рапот е измутиран во маркетиншки поп и звучи ретардирано, а некои тоа го викаат еволуција. Не. Еволуција е да ја надградиш својата вештина за пишување, рапување, чувство за грув, наметнување емоција во песната, раскажување приказна толку добро, што слушателот ќе визуализира слики слушајќи го текстот. Не е еволуција прост текст и предвидливи рими како „баба-жаба“. „Одмазда“ ја напишав за општата ситуација на рапот денес, а оној што си ја има мувата на капата, нормално дека ќе си ја ишка. Kонкретно тој поп-рап тука во Македонија го вреднувам исто како турска серија. Нема никаква уметничка и интелектуална вредност, но медиумите секојдневно го наметнуваат, па плитките луѓе го јадат тоа што им се сервира. Што се однесува до фидбекот на нумерата, беше навистина неверојатен. Значи, има маса луѓе што не можеш да ги излажеш, а нив никогаш не потценувајте ги – дообјаснува Тонио.

Антонио, заедно со колегите и другари од групата „Грин аут“, заврши со снимање на вториот албум „Рапаноја“, кој сега се наоѓа во постпродукција.

- Се аранжираат песните, се миксаат и ништо чудно албумот да биде издаден годинава. Што се однесува до другите мои проекти, целосно е завршен мојот четврти соло-албум, кој го снимив во коалиција со диџеј Гоце Саф. Тој е продуцент на сите песни. Имаме и видеозапис од овој албум за песната „Пријатели’“ и веќе оди на „Јутјуб“. Изданието се вика „Ветрови, лисја и капка сон“ и во план е да се издаде до крајот на годинава. На почетокот на 2013 година се планира и издавањето на „Чаирскиот албум“ на Тонио Сан и Kемп О.Д. – ги појаснува идните планови младиот изведувач.