Реализам vs. Либерализам

Day 1,534, 04:12 Published in North Macedonia North Macedonia by goranosis

Песимизмот за човековиот напредок и воопшто човековата природа, се темели на неколку претпоставки. Прво, се смета дека секој човек се грижи за исполнување на својот интерес и настојува од секоја ситуација да извлече максимална корист. Понатаму, ниту еден човек не сака да биде под туѓа доминација и да се чувствува инфериорен, туку напротив секој човек сака да им наметнува правила на другите. За песимизмот за човековата природа поопширно зборува Ханс Моргентау.
Што се однесува до соработката на наднационално ниво , се смета дека државата на поединецот му нуди мир, благосостојба и придобивки кои ги ужива во рамките на истата. Реалистите сметаат дека човекот нема интерес да се здружува на наднационално ниво и да го унапредува меѓународното општество, затоа што веќе ги ужива придобивките во рамки на сопствената држава и на еден начин егоистично се грижи само за државата во која припаѓа.
Една од основните вредности која ја бранат реалистите е националната безбедност.Сите активности преземени од страна на државниците и сите донесени одлуки, треба да одат во прилог на заштита на безбедноста. Сметам дека безбедноста е клучна за една држава, затоа што пред да се обезбедат други придобивки и благодети за граѓаните на една држава, неопходно е пред се таа да е безбедна. Просперитетот и благосостојбата е невозможно да се остварат без претходно државата да се направи сигурна и заштитена. Безбедноста во светската политика е исто така многу важна, затоа што во услови на безбеден свет луѓето понатаму можат да размислуваат и промовираат повисоки вредности како што се соработката и мирот.

За разлика од реалистите, либералите веруваат во соработката помеѓу луѓето и тоа не само во рамките на државата туку и на наднационално ниво, што пред се е резултат на вербата во човековиот разум. Тие сметаат дека луѓето меѓусебно имаат заеднички интереси и поради тоа се здружуваат во различни групи и организации. Уште повеќе, либералите тврдат дека модернизацијата на државата постојано ја зголемува потребата да се соработува и здружува. Соработката, напредокот и остварувањето на заедничките цели, според либералите ќе триумфираат над конфликтот, стравот од војна и недовербата за кои расправаат реалистите.
Многубројните здружувања на државите и поединците на наднационално ниво се доказ за тоа дека е можен напредок и во меѓународното, а не само во домашното општество. Државите се здружуваат за остварување на најразлични интереси: економски, политички и сл. Поединците се здружуваат исто така за остварување различни заеднички цели ( пр: климатски прашања, прашања поврзани со човековите права). По Втората Светска војна и создавањето на ОН, можеме да забележиме институционализација на меѓународните односи, во која државите се здружени на наднационално ниво. Исто така големиот број на невладини организации на светско ниво покажуваат дека постои поврзување на поединци кои не доаѓаат од рамките на една национална држава. Конечно, може да се заклучи дека практикувањето на либералните идеи, поврзувањето и соработката секако носат напредок во меѓународното општество.