Значајни настани во периодот 1946-1953 година за ЈУ, односно за НРМ

Day 1,613, 04:25 Published in North Macedonia North Macedonia by goranosis

Ова ми е reflection paper кој морав да го напишам за предметот Државата и правото во Македонија во XX век, па така да земав некои настани од 1946-1953 година и дадов мое мислење за тоа. Ако ви треба за нешто слободно споделете го.

По Втората светска војна Југославија почнала да прима голема помош од ООН. Помошта се состоела од храна, облека и опрема која достигнувала вредност од речиси 400 милиони долари. Главно во помошта учествувале Западните земји, а главна улога имала тогашната американска администрација, додека Советскиот сојуз воопшто и не учествувал. Сметам дека ова требало да биде како подучување за Југославија и нејзиното раководство, дека Советскиот сојуз не е местото кое може да понуди некоја голема помош. Сепак, по одбивањето на помошта од Маршаловиот план, САД престанале да испраќаат помош на Југославија, која претходно се одлучила да го следи марксизмот–ленинизмот.
Со текот на времето, Титовата Југославија станала „најдобар ученик“ на Москва. Во едно свое обраќање Тито изјавил дека „слушаме пораки за мир што кореспондира со нашите аспирации“, мислејќи на пораките што се испратени од СССР. Иако, истите пораки ги упатувале и западните земји, сепак комунизмот „пуштил“ длабоки корени во Југославија. Доколку Тито се одлучел да ја преиспита позицијата на Југославија и да се насочи кон Запад, тоа би можело да се направи во период од неколку години, но сепак, сметам дека СССР немало да „седи“ со скрстени раце и би превзел некаква иницијатива, па макар тоа и да било одговор со војна.
Сепак, односите кои Југославија ги имала со Западот биле влошени, што се отежнувала повеќе работата. Тито ги обвинил САД и Велика Британија дека провоцираат за да настане војна на Балканот. Исто така, други работи кои ги влошиле односите биле и соборувањето на американскиот авион кај Љубљана, смртната казна за Дража Михајловиќ итн. Како најверен сателит на СССР, Југославија склучила многубројни договори со земјите од Источниот блок. Нешто што е карактеристично за овие договори, што исто така се состои и во Договорот на Северноатлантската алијанса е дека доколку една земја потписничка е нападната, другата страна потписничка би овозможила воена поддршка. Ова всушност претставува една опасна ситуација, каде доколку се случило една земја да биде нападната, тогаш сите земји од Источниот блок би возвратиле, со што би настанала повторно нова Светска војна, која овој пат би била меѓу Исток и Запад.
Формирањето на Информбирото било нешто што требало да ја олесни координацијата на комунистичките партии од СССР, земјите од Источна Европа, како и Италија и Франција. Ова на крајот ќе се докаже како многу лошо за Југославија каде со Резолуција, Југославија се исклучила на секое поле.
Една од идеите на Сталин што тој многу ги поддржувал била идејата за Балканска федерација. Така на еден состанок во Москва помеѓу Сталин, Ѓеорѓи Димитров и Едвард Кардељ, Сталин ја промовирал истата. Но, сепак Сталин укажал да во таа федерација влезе и Албанија и тоа со зборовите „Југославија треба да ја проголта Албанија“. Можеби ова што Сталин го кажал, го исплашило Енвер Хоџа и тој почнал да се подготвува за напад од Југославија. Всушност, идејата за Албанија да биде во Југославија постоела одамна. Пречка за воспоставувањето на Балканска федерација било прашањето за иднината на Македонија како и статусот на Бугарија во таа федерација. Доколку се потпишел договорот, според Југославија, Бугарија би претставувала седма република, додека пак тоа било неприфатливо за Бугарија, како и приклучувањето на Пиринска Македонија со НР Македонија, каде Бугарија сметала дека и двете (Југославија и Бугарија) би требало да имаат паритет.
Според моето мислење доколку се потпишел тој Договор, денес Македонија не би имала проблем со Бугарија, односно Бугарија би го признала македонскиот народ и македонскиот јазик како посебни целини, делот од Пиринска Македонија би бил во составот на Република Македонија и Бугарија би претставувала вистински сојузник.
Против оваа федерација била Велика Британија. Таа сметала дека тоа би го нарушило балансот на Балканот, што и не е некој голем изговор поради тоа што сите земји, освен Грција, го следеле комунизмот. Некои автори дури и се потсмевале со она што Тито го планирал, односно формирање на Соединети држави на јужните Словени. Сепак, од друга страна, Велика Британија би го поддржала формирањето на Балканската федерација или конфедерација, доколку во неа се вклучат Албанија, Грција и Турција. Според мене, во тоа време можеби имало волја за да се направи таа федерација бидејќи Југославија претставувала една од помоќните земји во светот, но би ја следела истата судбина која се случи токму со Југославија во 90-те години на минатиот век. Денес доколку некој сака таа идеја да се оствари, би било невозможно поради тоа што премногу преовладува национализмот кај граѓаните и на пример ниту еден Грк не би се согласил да живее во иста држава со Македонец, или пак Албанец со Србин.
Односите помеѓу Советскиот сојуз и Југославија се влошувале. Советските војници кои биле на тлото на Југославија имале тотално непријателски однос спрема населението, но исто така извршувале грабежи и силувања. Друго прашање кое исто така ги влошило односите било прашањето за Трст. Она што Југославија го посакувала е тоа да Трст и припадне нејзе, но СССР не ја поддржал Југославија. Исто така, на состанокот во Москва, Кардељ бил принуден да потпише договор со што за надворешно-политичките прашања Југославија би се координирала со СССР.
Информбирото имало став дека КПЈ се оддалечувала од марксизмот-ленинизмот, со што се укажувало дека треба да се смени раководството на КПЈ, нешто што можеби Сталин тајно го посакувал бидејќи Југославија премногу доминирала политички на Балканот.
Така, по Резолуцијата на Информбирото за исклучување на Југославија, каде се ставил крај на идејата за Балканска федерација, Западот започнал да гледа на Југославија како на „сојузник“ во борбата против советската експанзија во Европа. Важно е тоа дека помошта од Западот се зголемила, а Југославија почнала да увезува многу повеќе производи од Запад во споредба со СССР. Во овој период, иако се соочувал со големи предизвици, сепак Тито донесувал многу важни одлуки кои оделе во прилог на Југославија.