ЧЕСТИТ ИЛИНДЕН!

Day 2,447, 01:44 Published in North Macedonia North Macedonia by DigitalChaos
Музичка подлога 1
Музичка подлога 2

Од 2-ри до 4-ти јануари 1903 на Солунскиот конгрес на ВМОРО (Внатрешна Македоно-Одринска Револуционерна Организација) било решено да се дигне востание на териториите на Македонија и Одринска Тракија против отоманска Турција. Во јуни 1903 бил изработен Општ план на востанието. Според овој план се предвидувала долготрајна герилска борба, без да се напаѓа мирното турско население, дејствија на четите насекаде и во исто време, не со цел да се победи Турција, туку таа да не може да ги победи востаниците. Борбата требало да трае сè до зимата, за потоа пак да се продолжи од пролет. Територијата била поделена на седум востанички окрузи:
Прв востанички округ - Битолски. Во него влегувале: Битолско, Демирхисарско, Прилепско, Мариовско, Крушевско, Велешко, Дебарско, Кичевско, Охридско, Леринско и Костурско.
Втор востанички округ - Кожув. Во него влегувале: Тиквешко, Гевгелиско, Ениџевардарско и Воденско.
Трет востанички округ - Беласица. Во него влегувале: Петричко, Дојранско, Поројско, Кукушко и Солунско.
Четврт востанички округ - Пирински. Во него влегувале: реката Струма како западна граница, Мелничко, Кресненско, левиот брег на река Струма од Џумајско, Разлошко, Неврокопско, Драмско, Серско, Демирхисарско (егејско).
Петти востанички округ - Струмичко-Малешевски. Во него влегувале: Струмичко, Малешевско, Радовишко, Пијанечко и десниот брег на река Струма од Џумајско.
Шести востанички округ - Овчеполски. Во него влегувале: Тетовско, Скопско, Кумановско, Штипско, Кратовско, Кочанско и Паланечко.
Седми востанички округ - Одрински. Во него влегувале: Малкотрновско, Лозенградско, Мустафапашанско, Бунархисарско, Дедеагачко, Чокенско, Ахчелебиско, Ѓумурџинско и Скеченско.

Секој востанички округ се делел на востанички околии во кои дејствувале по неколку чети од по 15-30 души, а секоја чета освен началник (војвода) требало да има и подначалник (подвојвода). Четите имале задача да: напаѓаат турски воени и полициски одделенија, башибозучки потери, воени складови, рушење на железнички мостови, тунели, телеграфски жици, бандери и станици, мостови по реките, владини згради... Нападите требало да бидат брзи, енергични и решителни, најдобро ноќно време. Најстрого било забрането убивање на жени и деца.

Главните дејствија на востанието се одвиле во Битолскиот, Солунскиот и Одринскиот вилает. Предвостаничките дејствија започнале со уривање на телеграфските столбови и мостовите на поважните патишта и бил извршен напад на турските касарни во некои села и градови. Жените и децата биле евакуирани во планините, биле отворени кујни и работилници за изработка на муниција и поправка на оружјето.

Востанието започнало на верскиот празник Св. Илија на 2-ри август 1903 година во Битолскиот и Солунскиот вилает, со најголема масовност во Битолскиот востанички округ каде што најпрво било ослободено Смилево, а потоа биле ослободени Крушево, Невеска и Клисура и голем број села, а во леринско, преспанско, охридско и кичевско се воделе жестоки борби. Востаничките дејствија во Одринскиот востанички округ започнале на празникот Преображение на 19-ти август 1903, а во Пиринскиот (Серскиот) востанички округ на празникот Крстовден 27-ми септември 1903. Помали или поголеми борби и востанички активности се одвивале речиси и во сите други востанички окрузи сè до крајот на октомври. Како резултат на востанието се создале и две краткотрајни републики: Крушевската република во Битолскиот востанички округ и Странџанската република во Одринскиот востанички округ. Во сите 3 вилаети зеле учество над 25.000 востаници против над 300.000 отомански војници.

Во задушувањето на востанието се вклучил многуброен турски аскер на кои напомош им се приклучиле голем број башибозучки банди и грчки андартски чети.

И покрај задушувањето на востанието значајна е силната пораката којашто преку него била испратена до тогашна Европа, која се запознала со тешката состојба на населението во Македонија и Одринско под отоманска власт, со надеж дека еден ден ќе дојде крајот на пет-вековното ропство.

ЧЕСТИТ ПРАЗНИК!