Вмро-Внатрешна македонска револуционерна организација

Day 2,164, 03:20 Published in North Macedonia North Macedonia by vik56tor


Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) била македонска револуционерна организација која постоела во периодот меѓу 1919–1934 година. По завршувањето на Првата светска војна започнало политичко групирање и организирање на македонската емиграција во Бугарија. Отука, кон крајот на 1919 година била формирана ВМРО, со Централен комитет: Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев. Главна цел на оваа организација била автономијата или независна Македонија, односно создавање на самостојна македонска држава .
По потпишувањето на Нишката спогодба помеѓу Кралството СХС и Бугарија, март 1923 година, ВМРО зела активно учество во рушењето на бугарската влада на Александар Стамболиски. Во втората половина на 1923 година биле воспоставени врски и водени разговори со претставници на Советскиот сојуз, заинтересиран за создавање единствено македонско револуционерно ослободително движење. Притоа Тодор Александров подготвил и потпишал Проект за разбирање помеѓу ВМРО и Советската влада.
Преговорите водени во Виена завршиле со потпишување Декларација на ЦК на ВМРО и на Мајскиот манифест од страна на Александров, Протогеров и Чаулев. Под притисок на бугарската влада, првите двајца со Декларација на ЦК на ВМРО јавно се откажале од своите потписи. Тодор Александров бил убиен на 31 август 1924 година од припадници на ВМРО, војводите Штерју Влахов и Динчо Вретенаров. Раководството на ВМРО го презеле Александар Протогеров и Иван Михајлов. За убиството на Александров биле обвинети конкурентните организации од македонската емиграција.
За две години по настаните во Горна Џумаја (12. IX. 1924 год.), ВМРО убила редица истакнати македонски интелектуталци и револуционери, идејни опоненти како Димо Хаџи Димов, Арсени Јовков, Тодор Чопов и др. По наредба на Михајлов бил убиен и Александар Протогеров (7. VI. 1928 год), а ВМРО се поделила на Михајловисти и Протогеровисти и дошло до нивно меѓусебно физичко пресметувње. На VII конгрес на ВМРО (21. VI. 1928 год.) Михајлов официјално го презел раководењето.
Во програмската определба на ВМРО на Михајлов поимот автономна бил заменет со поимот независна Македонија во која живеат Бугари. Негова стратегиска цел била создавање на Македонија како втора бугарска држава.
Во април 1929 г. Македонскиот национален комитет контролиран од Михајлов и Хрватските претставници потпишале Декларација за соработка и создавање Независна Држава Хрватска и Независна Македонија, како втора бугарска држава. На 9. X 1934 година, со заедничка акција на хрватските и македонски сили, бил извршен атентат врз кралот на Југославија, Александар I Караѓорѓевиќ. Владата на Бугарија, на чело со Кимон Георгиев, при крајот на 1934 година донела одлука за расформирање на ВМРО, по што, под водство на Михајлов, продолжила да дејствува во странство. Се поврзала со нацистичките и профашистичките сили на Германија, Италија, Унгарија и Хрватска, со кои соработувала до крајот на Втората светска војна .

Поголеми напади
Атентат врз Ѓорче Петров
Атентат врз Александар Стамболиски
Кадрифаковски масакр
Горноџумајски случувања
Атентат врз Димо Хаџи Димов
Атентат врз Велимир Прелиќ
Марсејски атентат





Убиство на Тодор Александров

На 31 август 1924 година, кај селото Лопово на Пирин Планина бил убиен Тодор Александров. За неговото убиство и нарачателот во историската наука постојат повеќе верзии. Според едната верзија:
На едно планинско изворче, групата застанала да ги освежи своите сили со храна. За цело време на ручекот се воделе разговори по однос на плановите на Организацијата и по однос на борбата на истата со претходната земјоделска влада на Бугарија, при што Александров бил љубезен со сите и на неколку пати ја делел храната со другите негови соборци. По јадењето групата го продолжила патувањето, при што Александров му ја дал на носење својата пушка на Динчо Сугарски, со што останал без оружје. По извесно време, тие пак застанале со цел да ги одморат коњите, а воедно и тие малку да отпочинат, што било искористено од страна на заговорниците, секавично да дејствуваат. Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, застанале над Тодор Александров и стрелале со пушките во него, при што разбуден од истрелите неговиот телохранител Панзо Зафиров се обидел да ја дофати својата пушка, но и тој бил застрелан од страна на Динчо Балкански. Александар Протоѓеров изненаден од брзината на дејствијата се онесвестил и со таа своја постапка останала нејасна неговата улога во атентатот врз Тодор Александров. По убиството телата на двајцата убиени набрзина биле закопани во блиската шума .
Историчарите водаат полемики околу тоа кој стои за убиството на Александров и истакнуваат: Кој е нарачателот на атентатот врз Тодор Александров? Ако реално се погледнат работите, фактите и развојот на настаните, пред и после атентатот, многу е тешко, речиси невозможно и после толку долг временски период да се даде одговор на ова прашање. Но сепак врз основа на се можат да се посочат два центри кои би можеле да бидат можните интелектуални убијци на Тодор Александров: Комунистичката интернационала заедно со БКП и другите левоориентирани партии, движења и струи во Бугарија и воено-политичките фактори блиски до бугарската влада на премиерот Александар Цанков.