Стивен Хокинг

Day 1,521, 06:05 Published in North Macedonia North Macedonia by N B Forrest

Во чест на својот 70-ти роденден, што го прослави пред два дена, познатиот британски физичар Стивен Хокинг одлучи да одговори на неколку прашања на слушателите на радио емисијата на BBC, Today.

Во разговорот за BBC тој повтори некои од неговите познати тези како онаа дека ќе мораме да ја колонизираме вселената ако сакаме да избегнеме катастрофа. Тој е голем оптимист во поглед на организирањето на колониите на Марс, но верува дека луѓето ќе достигнат подлабоко во вселената.

Смета дека откритието на вонземски живот би било едно од најголемите во вселената, но не е сигурен дека тоа би било позитивно откритие.

Еве дел од прашањата на слушателите на радиото и одговорите на познатиот научник.

1. Постоел ли период кога немало ништо?

Потеклото на вселената може да се објасни со законите на физиката без никакви потреби за чуда или божествени интервенции. Овие закони предвидуваат дека вселената настанала спонтано од ништо, во состојба на забрзано ширење. Тоа се нарекува инфлација бидејќи наликува на цените во продавниците кои се побрзо растат. Времето е дефинирано само заедно со вселената и нема смисла да се говори за време пред почетокот на вселената. Тоа би било како да се прашува што е појужно од Јужниот пол.

2. Какво би било влијанието врз Теоријата на релативноста на Ајнштајн, ако се потврди дека неутриното може да патува побрзо од светлината?

Теоријата на Ајнштајн вели дека ништо не може да патува побрзо од светлината. Ако експериментот Опера е точен и неутрината патуваат побрзо од светлината, тогаш теоријата на релативноста е неточна. Но, јас не верувам во резултатите од Опера бидејќи не се сложуваат со мерењето на брзината на неутрината од суперновата SN1987A.

3. Некои луѓе претпоставуваат дека нашиот универзум би можел да биде само еден од многуте. Постои ли некаков начин некогаш да откриеме и да истражуваме други универзуми. Дали тоа е воопшто изводливо?

Нашиот најдобар предлог за теоријата на сите нешта е М-теоријата. Едно од нејзините предвидување е дека постојат многу различни вселени во кои физичките константи имаат различни вредности. Тоа може да објасни зошто се нашите физички константи толку прецизно складни со вредностите што се неопходни за постоење на живот. Кога не би биле добро прилагодени не би постоеле ниту ние за да ги забележиме.

Еден начин да ги провериме овие теории е да побараме примери во позадинските микробранови зрачења што би укажале на судири на нашиот универзум со други универзуми од далечното минато.

4. Верувате ли дека човековата раса ќе ги преживее сите потенцијални апокалиптични сценарија и дека конечно ќе ги колонизира ѕвездите?

Можно е човековата раса да изумре, но тоа не е неизбежно. Мислам дека е речиси сигурно дека за 1000 години на Земјата ќе се случи некоја катастрофа како глобално затоплување или нуклеарна војна.

Се надевам дека со текот на времето ќе воспоставиме самоодржливи колонии на Марс или на другите тела во сончевиот систем, но не очекувам тоа да се случи во следните 100 години.

оптимист сум и сметам дека напредокот на науката и технологијата ќе им овозможат на луѓето да се прошират и надвор од Сончевиот систем во оддалечените делови на вселената.

5. Како би влијаело на човештвото кога би се открило дека на Kepler 22-b (неодамна откриената планета која наликува на земјата), се развил живот?

Откритието на интелигентен живот некаде во универзумот би било најголемо научно откритие на човештвото. Но, обидот да се комуницира со вонземска цивилизација би било нешто сосема друго. Кога вонземјаните би се одлучиле да не посетат, резултатот би можел да биде сличен на доаѓањето на Европејците во Америка - а тоа не помина баш најдобро за американските домородци.