Дел од мене умре, кога замина таа!

Day 1,800, 14:51 Published in North Macedonia North Macedonia by Mr.Santino

Го знаете ли она чувство што го имате, кога некој ќе си замине?

Се чувствувате болно кога помислувате дека ова може да биде крајот на вашата љубов.

Последната расправија што ја имав со мојата непреболена љубов, беше крај за нас. Никогаш нема да се помирам со тоа што ги упатив зборовите на тој ден април, 2004-та година. Истиот ден таа загина во сообраќајна несреќа, а јас немав можност да и се извинам, да разјасниме, да се збогувам со неа.

Јас и Оља се запознавме во Скопје, на Скопскиот фестивал 2002-та година, кога имав 20 години. По фестивалот разговарајќи со пријатели, познаници, колеги-заедно со една познаничка се појави една убава девојка која кусо ми рече: „Здраво, јас сум Оља, Биба ми кажа многу пофални зборови за вас!“. Јас се насмевнав, ја прекинав со зборовите: „А зошто ме персира Оља?“ Малку смеа, муабет и слично се разделивме секој по својот пат. Додека си одев накај дома, не можев да престанам да мислам на неа, едноставно девојката ме маѓепса. Иако знаев дека се глупирам,шансите повторно да се видиме се мали.

Утредента некаде околу 16 часот, во кафе барот „Змија“ во ГТЦ, наеднаш неочекувано со три други девојки се појави како „ангел“ – Оља! Целиот се растреперив. Мислам дека тоа беше мојот најсреќен ден во животот. Ги поканив на мојата маса, кај што седев со уште еден колега од радио и седнаа. Разговаравме. Се шалевме. Пиевме тоник и макијато. Остана со мене, ја понудив да ја испратам до дома. Прифати. Разговаравме цел пат до Карпош 3.

Пред да добијам шанса да и кажам што чувствувам, таа ме бакна нежно за образ и ми рече: „Чао Бојан, имав прекрасен ден. Ти благодарам“. Тоа беше како да почувствував електричен шок. Во тој момент бев сам – без девојка (слободен). А ова чувство беше неверојатно. Од тој миг, бевме неразделни. Нашите другари и пријатели често ни велеа дека сме совршен пар!

-Можам да те замислам на твојата величенствена свадба, ми рече мојот другар инаку сега уредник во телевизија, а тогаш заедно работевме во радио. Но, не само тој, тоа што го кажа, туку истото го чувствував и јас.

Наредните година две, нашата љубов почна да се раздлабочува, бевме неразделни.

-Беше петок во април месец (не можам да се сетам за датумот). Знам дека се спремав за на работа за во радио. Тогаш Оља не сакаше да работам таму, било „земјоделско“ радио. „Зошто не одиш во некое друго радио, злато?“ Јас изнервирано и одговорив: „Одам таму каде што ме примија“. Тогаш беше тешко како дете од провинција во Скопје да се сместиш на некоја добра работа, зошто „провинцијалците“ не гледаа поинаку.

Оља студираше на музичката академија и работеше хонорарно во Македонската филхармонија, опера и балет. Откако замина таа, сериозно сфатив дека треба да заминам од радиото, бидејќи за среќа имав две три понуди од други радио станици.

Истиот ден, кога отидов на работа и пратив смс во кој и пишав колку ми недостасува. Вечерта во доцните часови бев премногу уморен од целодневната работа „бидејќи припремавме нова емисија“. И си легнав знаејќи секако утредента ќе се видиме на кафе. Нејзината последна порака која ја видов во мобилниот гласеше: „Злато, јави ми се кога и да завршиш, да те слушнам – те сакам“. Некаде во три часот по полноќ ме разбуди некој звук, сфатив дека се околу мене се тресе. Испаничен станав, отрчав до купатилото и сфатив дека сум сонил само лош сон. Го видов мобилниот дека трепка, ја прочитав пораката од нејзе, но имајќи в предвид дека утре и таа е на работа, не се јавив, туку и пишав само смс. По некои пет до десет минути, ми стигна порака од нејзиниот телефон „Оља спие, а пораки во три сабајле господине не се пишува“. Јас откако ја прочитав пораката страшно се изнервирав и од нервоза почнав да пишувам се и сешто, меѓудругото и „Ок, никогаш повеќе да не си ми се јавила“.

Утредента отидов на работа и на никого не се јавував. Вечерта кога пристигнав дома, го видов мобилниот телефон. Имав околу 50 пропуштени повици и ниту една порака. Скоро сите повици беа од нејзе. Но пак ѓаволот во мене ме натера да не се јавам. Си легнав.

Утредента на работа, како и вообичаено ги разлистував дневните весници и на еден од нив, разлистувајќи го, на претпоследната страница на местото за некролози стоеше сликата на Оља, нејзиното име и презиме, 1981-2004. Наеднаш мислам дека престанав да дишам. Почувствував како се околу мене да се урива. Наеднаш ја изгубив свеста. Наредниот миг кога се освестив се погледнав во огледало. Личев на зомби. Не можев ниту да јадам, ниту да пијам. Дури и водата што сум ја испил, ја исповратив. Бев истоштен, морав да примам инфузија, постојано размислував за Оља. За нејзиниот лик, нејзината бебешка насмевка, како се чувствував кога ме гушкаше…

Се мразев самиот. Сакав да заспијам и никогаш да не се разбудам. Дојдоа сите другари кои разбрале и ми соопштија дека Оља во седум часот сабајлето сама возејќи на патот Скопје-Тетово, облечена во пижами имала тешка сообраќајна несреќа, се превртела со автомобилот, удрила во карпите, каде на лице место починала!!!

Сите ме гушкаа, плачеа, ме тешеа. Испив една рака седативи. Мразев што жив се разбудив. Другарот Зоко, нон стоп ме смируваше и тешеше со зборовите: „Не можеш вака другар. Не можеш вака. Време е да се помириш со судбината. Не можеш да ја вратиш. Не можеш. Смири се и да отидеме да и кажеме збогум на твојата Оља“.

Во 11 часот, МОБ имаше организирано мал комеморативен собир на кој говореа нејзините колеги од факултет и така натаму. Наеднаш до мене дојде мајка и на Оља, госпоѓа Лидија, тогашна директорка на една културна установа. Ме гушна целата уплакана и ми рече: „Да ми се исушат рацете златно мое. Ви ги уништив животите“. Во тој момент не сфатив што ми кажа.

Оља исто така таа вечер, во четири часот утрината станала, го видела мобилниот и сите пораки, видела дека од нејзиниот телефон некој пратил недолични пораки, почнала да се расправаат со мајка и, испила таблети за смирување и по пижами избегала од дома, се качила во автомобилот и се упатила во непознат правец.

После комеморативната средба, утредента од премногу седативи, едвај отидов на погребот на градските гробишта во Бутел и ден денес не се сеќавам на ништо од тоа…

Поминаа осум години, а јас се уште не можам целосно да го прифатам фактот дека мојата Оља засекогаш ја нема. Се уште се мачам себеси, замислувајќи ги последните моменти со нејзе.

Оља! … Сакам да ти кажам дека ти си таа што од корен го промени мојот живот. Кога имав лоши денови, а на моменти и сега, посакувам и јас да завршам во истите карпи. Од тој ден кога замина, еден дел од мене почна да го нема, исто како да замина со тебе. Се надевам дека еден ден ќе се чувствувам подобро. Сигурен сум дека тоа е она што ти би го сакала – Оља! Почивај во мир, ангелу мој.

Почитувани читатели, ова е вистинска приказна од надворешен соработник, кој се реши за прв пат да ја објави јавно.Само поради заштита на идентитетите, имињата на актерите во текстот се променети, а се друго е вистината.